Екстремните горештини и сушата ги зголемија цените на струјата во делови од Европа

Цените на електричната енергија на европските пазари значително се зголемија минатата недела, под влијание на високите температури, зголемената побарувачка за ладење и проблемите со производството во нуклеарните и хидроелектраните поради сушата.

Највисока цена на дневниот пазар во текот на неделата беше регистрирана во Словенија, каде што четвртчасовната цена достигна 717,75 евра за мегават-час во понеделникот навечер, покажуваат податоците на платформата Energy-Charts на Fraunhofer ISE.

Високи цени беа регистрирани и во Хрватска и Романија. Во вторникот вечерта, цената достигна 657,13 евра за мегават-час во Хрватска, додека во Романија достигна 569,73 евра.

РЕКЛАМА

Во Унгарија, цената во понеделникот навечер достигна 540,50 евра за мегават-час, а во вторникот достигна 546 евра.

Високите температури ја зголемија потрошувачката на електрична енергија поради поголемата употреба на клима-уредите, додека ниските водостоји дополнително го отежнаа производството на електрична енергија.

Во Унгарија, производството во нуклеарната електрана „Пакш“ беше намалено на околу 240 мегавати, откако рекордно ниското ниво на Дунав го ограничи пристапот до вода потребна за ладење на постројката.

Поради проблемите со водоснабдувањето, Романија исклучи еден од двата реактори во нуклеарната централа „Чернавода“.

Ниските водостоји влијаат и врз производството од хидроелектраните во Централна и Југоисточна Европа, додека високите температури ја намалуваат ефикасноста на дел од електроенергетските постројки.

Проблеми има и во Франција, каде што енергетската компанија EDF исклучи три нуклеарни реактори поради намалениот проток на реките Меза и Мозел. Двата реактори во нуклеарната централа „Шо“ и еден реактор во „Катеном“ останаа надвор од мрежата.

Енергетските пазари во регионот така повторно се соочуваат со влијанието на климатските екстреми врз сигурноста на снабдувањето. Комбинацијата од висока побарувачка поради топлотните бранови и ограниченото производство поради сушата создава дополнителен притисок врз европскиот електроенергетски систем и ги зголемува ценовните ризици.

Извор: Aa.com.tr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил