Недим Рама за Фактор.мк: Македонија станува дел од новата регионална енергетска архитектура

Македонија е во пресрет на најголемата трансформација на гасната инфраструктура во последните неколку децении. Изградбата на интерконекторот со Грција е во напредна фаза, тендерската постапка за интерконекторот со Србија влегува во завршница, а паралелно се подготвуваат нови магистрални гасоводи и модернизација на националниот преносен систем. Целта е земјата да добие повеќе правци за снабдување со природен гас, пристап до нови извори на енергенс и поголема интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар.

Во интервју за Фактор.мк, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, вели дека реализацијата на проектите ќе ја промени позицијата на земјата, која досега зависеше од само една влезна точка за природен гас.

„Од држава со една влезна точка за природен гас, стануваме држава со повеќе правци и повеќе извори на снабдување“, оценува Рама.

РЕКЛАМА

Интерконекторот со Грција влегува во завршна градежна фаза

Според него, изградбата на интерконекторот со Грција се одвива во координација со Министерството за енергетика, НОМАГАС и грчкиот оператор ДЕСФА, а заедничката цел останува проектот да биде ставен во функција во текот на следната година.

Рама посочува дека повеќе од 85% од трасата е веќе расчистена и подготвена за поставување на цевките. Производството на цевките е целосно завршено, испорачани се околу 34 километри, од кои речиси 13,7 километри се веќе заварени, а повеќе од шест километри се поставени во ров. Во најголем дел се завршени и премините под патишта, како и постапките за експропријација и решавање на имотно-правните односи.

Иако досегашната реализација се одвивала со нешто побавна динамика, Рама вели дека во последниот период активностите значително се интензивирани и очекувањата се преостанатите работи да се реализираат без поголеми застои.

Пристап до ЛНГ терминалите и европскиот пазар

Новиот интерконектор ќе ја поврзе Македонија со грчката национална гасоводна мрежа преку главната гасна раскрсница кај Неа Месимврија, што практично ќе овозможи пристап до различни извори на природен гас и до ЛНГ терминалите во Грција.

Според Рама, тоа значително ќе ја зголеми сигурноста на снабдувањето, ќе ја намали зависноста од единствен транспортен коридор и ќе создаде услови за поголема конкуренција меѓу снабдувачите.

Воедно, проектот е дел и од поширокиот концепт на Вертикалниот гасен коридор, преку кој земјите од Југоисточна Европа добиваат подобра поврзаност со европските гасни текови.

Во јули избор на изведувач за интерконекторот со Србија

Паралелно со грчкиот проект, НОМАГАС ја привршува и тендерската постапка за изградба на интерконективниот гасовод со Србија.

Евалуацијата на понудите, според Рама, треба да заврши во текот на јули, по што ќе следува избор на изведувач и потпишување договор. Доколку не се појават непредвидени околности, изведувачот би можел да биде воведен во работа веќе во август.

Предвидено е изградба на двонасочен гасовод долг околу 24 километри, со годишен капацитет од 1,4 милијарди кубни метри природен гас.

Рама оценува дека интерконекторот со Србија, заедно со оној со Грција, ќе претставува клучен столб на новата национална гасна инфраструктура, бидејќи покрај сигурноста во снабдувањето, ќе отвори можност Северна Македонија да стане транзитна земја за природен гас во регионот.

Инвестиции од ЕБОР и гасоводи подготвени за водород

Развојот на новата инфраструктура е поддржан од Европската банка за обнова и развој, која обезбеди финансирање за интерконекторот со Грција, како и за магистралните гасоводи Свети Николе–Велес и Гостивар–Кичево.

Според Рама, особено значајно е што сите нови гасоводи се проектираат според принципот „hydrogen-ready“, односно ќе можат во иднина да транспортираат мешавини од природен гас и водород, а со понатамошен технолошки развој и поголеми количини водород.

На тој начин, додава тој, сегашните инвестиции нема да бидат ограничени само на природниот гас, туку ќе претставуваат основа за идната нискојаглеродна енергетска инфраструктура.

Следува модернизација на националната мрежа

Покрај изградбата на интерконекторите, НОМАГАС работи и на модернизација на постојниот преносен систем преку реконструкција на блок-станиците, воведување современи електронски мерни системи и имплементација на нов SCADA систем за управување и мониторинг на гасопреносната мрежа.

Во следната фаза компанијата планира изградба на магистралните делници Гостивар–Кичево, Свети Николе–Велес, Кичево–Охрид и Охрид–Битола, со што практично ќе се заокружи националната гасопреносна мрежа.

Истовремено, НОМАГАС работи на заполнување и пуштање во употреба на гасоводот Клечовце–Неготино–Прилеп–Битола, а повторно е активиран и проектот за гасно поврзување со Косово, кој покрај енергетското поврзување отвора можности и за идни транзитни капацитети.

Според Рама, сите овие проекти претставуваат дел од долгорочната стратегија за поголема енергетска безбедност, диверзификација на снабдувањето и интеграција на Северна Македонија во регионалниот енергетски систем, истовремено создавајќи предуслови за економски развој, нови инвестиции и постепена енергетска транзиција кон почисти горива.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил