Офшорните ветерни електрани сè повеќе се наметнуваат како клучен двигател на глобалната енергетска транзиција, благодарение на значително поголемиот производствен капацитет во споредба со копнените ветерници. Иако нивната изградба и одржување се значително поскапи, експертите оценуваат дека повисоката ефикасност и посилните ветрови на море ја оправдуваат инвестицијата на долг рок.
Според анализи објавени во списанието Wind Engineering, современите копнени ветерни турбини достигнуваат моќност до 4 мегавати (MW), додека офшор турбините можат да произведуваат и до 15 MW. Најновите генерации веќе ги поместуваат границите, кинеската компанија Dongfang Electric Corporation разви офшор турбина со инсталирана моќност од дури 26 MW, една од најголемите во светот.
Поголемата енергетска ефикасност не се должи само на нивната големина. На море ветерот дува посилно и поконстантно, а нема природни или урбани пречки што го нарушуваат воздушниот проток. Токму затоа офшор ветерните паркови можат да произведуваат значително повеќе електрична енергија во текот на годината.
За споредба, еден мегават инсталирана моќност, според проценките на професорот по еколошко инженерство Даниел Кохан од Универзитетот „Рајс“, во просек е доволен за снабдување со електрична енергија на околу 670 домаќинства, зависно од нивната потрошувачка.
Висока цена за поголем енергетски принос
Сепак, офшор проектите носат значително повисоки трошоци. Цената за изградба на една офшор ветерна турбина се движи меѓу 12 и 20 милиони долари, додека копнените турбини чинат од 2,6 до 4 милиони долари.
Причината лежи во комплексната логистика. Монтажата бара специјализирани пловни објекти, транспорт на огромни компоненти на десетици километри од брегот и изградба на темели на морското дно. Дополнително, сервисирањето и одржувањето на турбините е многу посложено отколку кај ветерните паркови поставени на копно.
Експертите предупредуваат дека и интервенциите при дефекти се значително покомплицирани. Во случај на сериозни оштетувања, како што беше инцидентот кај Нантакет во 2024 година, кога лопатка од офшор турбина падна во морето, потребни се специјализирани спасувачки и технички екипи за отстранување на оштетените делови.
Иднината е на море
И покрај високите почетни инвестиции, офшор ветерната енергија добива сè поголемо место во националните енергетски стратегии. Поголемата искористеност на ветерот, повисокото производство на електрична енергија и технолошкиот напредок ги прават морските ветерни паркови еден од најперспективните извори на обновлива енергија во наредните децении, особено за земјите со долг морски брег и амбициозни цели за декарбонизација.
Извор: Slashgear.com
