МЕМО ги сумира резултатите од првото полугодие

Во првите шест месеци од годинава МЕМО реализираше повеќе активности насочени кон развој и модернизација на македонскиот пазар на електрична енергија, со фокус на поголема транспарентност, ефикасност и унапредување на пазарните механизми, соопштија од компанијата.

Како едно од најзначајните достигнувања го посочуваат воспоставувањето и стартот на Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), кој овозможува поефикасно тргување со електрична енергија, подобро балансирање на системот и поголема флексибилност за пазарните учесници. Според МЕМО, на овој пазар во моментов активно учествуваат 21 учесник.

Од компанијата информираат дека МЕМО станала полноправна членка на Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), што, како што наведуваат, претставува важен чекор кон интеграцијата во европскиот систем на гаранции за потекло и поголема транспарентност во областа на зелената енергија.

РЕКЛАМА

Во соопштението се наведува и дека од воведувањето на системот за гаранции за потекло во април 2025 година досега се издадени повеќе од 500.000 гаранции за електрична енергија произведена од обновливи извори.

Во изминатиот период, додаваат од МЕМО, компанијата активно соработувала со Владата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и со меѓународни партнери. Во таа насока биле организирани работни средби, јавна расправа за пазарните правила, работилница за функционирањето на Интрадневниот пазар, како и дискусии за механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) и регионалната интеграција на пазарите.

Покрај ова, од МЕМО информираат дека нивни претставници учествувале и на повеќе меѓународни енергетски форуми, меѓу кои BEF 2026 во Белград, EMIF 2026 во Брисел, Генералното собрание на AIB и 31. Форум за електрична енергија во Атина, како и Македонскиот енергетски форум во Скопје.

Од компанијата наведуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со активности насочени кон развој на транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија, во согласност со европските практики.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил