ЕМБЕР: Обновливите извори ја штитат Шпанија од нов енергетски шок

Граѓаните плаќаат пониски сметки и покрај скапиот гас

Додека Европа повторно се соочи со нагло поскапување на цените на природниот гас, Шпанија успеа да ги заштити своите граѓани од ценовниот удар благодарение на големите инвестиции во сончевата и ветерната енергија, покажува најновиот извештај на енергетскиот тинк-тенк Ember.

Според анализата, иако европските цени на гасот пораснаа за околу 75% по ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, цените на електричната енергија во Шпанија останаа меѓу најниските во Европската Унија. Во март годинава просечната цена на електричната енергија во Шпанија изнесувала 42 евра за мегават-час, додека во Италија достигнала 143 евра за мегават-час – повеќе од трипати повисоко ниво.

Клучната причина е значително намалената зависност на шпанскиот електроенергетски систем од гасот. Додека во 2021 година гасните електрани влијаеле врз формирањето на цената на струјата во 52% од времето, во првите пет месеци од 2026 година нивното влијание паднало на само 9%. Ова е резултат на силниот раст на производството од ветерни и соларни електрани, кое се зголемило за 37% во периодот од 2021 до 2025 година.

РЕКЛАМА

Извештајот проценува дека просечно шпанско домаќинство денес плаќа околу 10 евра помалку месечно за електрична енергија отколку што би плаќало доколку врската меѓу цените на струјата и гасот останела на нивото од 2021 година. Тоа претставува заштеда од околу 19% на месечната сметка.

Дополнителна поддршка за потрошувачите обезбедиле и владините мерки. Шпанската влада привремено ги намалила даноците на електричната енергија и електричните возила, со што просечната сметка за струја била намалена за уште околу 8 евра месечно. Благодарение на комбинацијата од ниски пазарни цени и даночни олеснувања, цените на струјата во април 2026 година достигнале едно од најниските нивоа од пред енергетската криза во 2021 година.

И покрај големиот прекин на електричната мрежа што го погоди Пиринејскиот полуостров во април 2025 година, Шпанија не го забави развојот на обновливите извори. Напротив, земјата продолжи со интензивни инвестиции во ветерни и соларни капацитети, додавајќи во просек 1,3 гигавати нов капацитет месечно. Истовремено, капацитетите за батериско складирање на енергија се очекува четирикратно да се зголемат во текот на 2026 година.

Од Ember оценуваат дека шпанскиот пример покажува како инвестициите во обновливи извори и електрификацијата можат да обезбедат долгорочна заштита од нестабилните цени на фосилните горива. Според организацијата, намалувањето на зависноста од увоз на енергенси преку обновлива енергија и електрификација на транспортот и индустријата претставува најефикасен механизам за зголемување на енергетската безбедност во Европа.

Извор: Ember-energy.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил