Русија се соочува со растечка криза во снабдувањето со гориво

Русија се соочува со сè посериозни проблеми во снабдувањето со гориво, откако украинските напади со дронови врз нафтената инфраструктура предизвикаа прекини во работата на повеќе рафинерии и транспортни правци. Според анализи на јавно достапни податоци, недостиг на бензин и дизел е регистриран во повеќе од десет руски региони, а експертите предупредуваат дека ситуацијата може дополнително да се влоши во наредните месеци.

Најизразени проблеми се забележани на анектираниот Крим, каде што нападите врз клучните транспортни рути доведоа до нарушување на испораките на гориво. Локалните власти воведоа ограничувања во продажбата на одредени видови бензин, а дел од бензинските пумпи веќе не им продаваат гориво на приватни лица. На терен се појавија долги редици, додека локалните медиуми известуваат и за појава на црн пазар.

Недостигот се прелева и во соседната Краснодарска област, каде што дел од бензинските пумпи привремено ја прекинаа продажбата. Жителите тврдат дека зголемениот број возачи од Крим дополнително го зголемува притисокот врз локалните резерви. Гувернерот на регионот, Венијамин Кондратјев, ја оцени состојбата како „тешка“, посочувајќи на, како што наведе, „вештачки предизвикана навала“.

РЕКЛАМА

Проблеми во снабдувањето се пријавени и во неколку региони во централна Русија, вклучувајќи ги Курск, Белгород, Рјазањ и Орел, како и во северозападните делови на земјата, меѓу кои Санкт Петербург, Ленинградската и Псковската област. Поединечни поплаки за недостиг на гориво пристигнуваат дури и од Москва и московскиот регион.

Иако засега најчесто се погодени помали бензински станици кои не се директно поврзани со големите нафтени компании, аналитичарите предупредуваат дека бројот на пријавени случаи расте, додека цените на бензинот бележат континуиран неделен пораст.

Русија традиционално се соочува со зголемена побарувачка за гориво во летниот период поради земјоделските активности и сезоната на годишни одмори. Вообичаено, во истиот период рафинериите спроведуваат редовни ремонти, што дополнително влијае врз понудата. Сепак, според експертите, годинава ситуацијата е значително потешка поради интензивираните украински напади со дронови.

Според проценки на агенцијата „Блумберг“, само во текот на мај осум од десетте најголеми руски рафинерии биле цел на напади. Дел од нив, меѓу кои и капацитетите на „Лукоил“ во Нижни Новгород и Перм, биле погодени повеќепати.

Стручњаците посочуваат дека нападите повеќе не ја оштетуваат само примарната преработка на нафта, туку и постројките за производство на бензин и дизел. Поправките на таквите капацитети траат со месеци, а дополнителен проблем претставуваат меѓународните санкции, кои го отежнуваат набавувањето на неопходната опрема.

Доколку нападите продолжат со ист интензитет, а оштетените рафинерии не успеат брзо да го обноват производството, постои реална опасност локалните недостигови да прераснат во поширока криза на рускиот пазар на горива.

Извор: DW.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил