Уделот на целосно електричните автомобили во Европа надмина 30% во август

Пазарот на целосно електрични автомобили во Европа забележа силен раст во август, при што нивниот удел во новите регистрации во 16 клучни европски пазари достигна 30,5%, покажуваат најновите податоци на New AutoMotive и E-Mobility Europe.

Во текот на август биле регистрирани 202.833 целосно електрични возила (BEV), што претставува зголемување од 54,2% во споредба со истиот месец минатата година. Проценетиот удел на BEV возилата на ниво на Европската Унија достигнал 31,2%.

Од почетокот на годинава во анализираните пазари се регистрирани околу 1,67 милиони електрични автомобили, или 33,1% повеќе во однос на истиот период во 2025 година. Според авторите на анализата, ваквата динамика е повисока од дел од прогнозите објавени на почетокот на 2026 година.

РЕКЛАМА

Меѓу најголемите европски пазари, Франција и Германија имаат значајна улога во забрзувањето на електрификацијата. Во Франција, електричните автомобили во август учествувале со 38,3% во новите регистрации, а нивниот број е зголемен за 72,2% на годишно ниво. Во Германија биле регистрирани 68.980 електрични автомобили, со пазарен удел од 32,5% и годишен раст од 34,5%.

Значително повисок удел е забележан во неколку помали европски пазари. Во Данска, BEV возилата сочинувале 85,9% од новите регистрации, во Финска 52,3%, Холандија 48,9%, Белгија 46,2%, а во Португалија 36,1%. Норвешка останува убедливо најелектрифицираниот пазар, со удел од 98,7%.

Растот, сепак, не е рамномерен во сите земји. Во Шпанија уделот на електричните автомобили достигнал 14%, со раст на регистрациите од 28,6%, додека во Полска уделот изнесувал само 4,8%, а бројот на регистрации се намалил за 8,4% на годишно ниво. Пад е забележан и во Холандија и Шведска, и покрај релативно високото учество на електричните автомобили на тие пазари.

Генералниот секретар на E-Mobility Europe, Крис Херон, оценува дека електрификацијата на европскиот автомобилски пазар се одвива побрзо од очекуваното и дека клучно во следниот период ќе биде институциите и индустријата да обезбедат услови за продолжување на ваквата динамика.

Податоците се однесуваат на 16 европски пазари, меѓу кои Германија, Франција, Италија, Шпанија, Холандија, Белгија, Данска, Шведска и Норвешка, кои заедно претставуваат околу 90% од комбинираниот пазар на ЕУ и ЕФТА.

Извор: Emobilitueurope.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил