Проблематичната енергетска транзиција: Потребен е прагматичен пристап

Проблематичната енергетска транзиција: Како да се најде прагматичен пат напред

Њујорк – 25 февруари 2025 г. Во мартовско-априлското издание на списанието Foreign Affairs, објавено на 25 февруари 2025 година, авторите Даниел Јергин, Питер Орсзаг и Атул Араја ја анализираат комплексноста на глобалната енергетска транзиција во анализата насловена „Проблематичната енергетска транзиција: Како да се најде прагматичен пат напред“.

Авторите нагласуваат дека, и покрај рекордниот раст на обновливите извори на енергија во 2024 година, употребата на фосилни горива исто така достигнала историски највисоки нивоа. Тие тврдат дека глобалниот енергетски микс во последните три децении се променил минимално – од 85% фосилни горива во 1990 година на околу 80% денес. Според нив, ова укажува дека наместо целосна транзиција, се случува „енергетско додавање“ – новите обновливи извори не ги заменуваат фосилните горива, туку само се надградуваат врз нив.

Меѓу другото, Авторите истакнуваат дека еден од клучните фактори што ја усложнува транзицијата е потребата да се балансираат климатските цели со економскиот раст, енергетската безбедност и намалувањето на локалното загадување. Тие тврдат дека промената на енергетските системи е далеку посложена и поскапа отколку што се очекувало, додека светот се соочува со сериозни геополитички тензии кои влијаат врз енергетската политика.

Реклама

Авторите нагласуваат дека западните земји имаат амбициозни климатски агенди, но голем дел од Глобалниот Југ и земјите во развој не сакаат да го забават економскиот раст во име на климатската политика. Ова, според нив, создава растечки јаз меѓу Северот и Југот, кој го отежнува постигнувањето на глобален консензус за транзицијата.

Дополнително, авторите тврдат дека тензиите меѓу Кина и Западот носат неизвесност во снабдувањето со критични минерали, како литиум, кобалт, никел и бакар – материјали неопходни за технологиите за чиста енергија. Тие истакнуваат дека проблемите со синџирите на снабдување, заедно со строгите регулативи и отпорот против рударските проекти, ја зголемуваат цената и ја забавуваат транзицијата.

Побарувачката за електрична енергија – нов предизвик

Анализирајќи ги трендовите во побарувачката со електрична енергија, авторите нагласуваат дека глобалната потрошувачка рапидно расте поради неколку фактори:

  • Електрификацијата на индустријата и транспортот;
  • Враќањето на производствените капацитети во домашни рамки (reshoring);
  • Експанзијата на крипто-рударството и дата-центрите за вештачка интелигенција (ВИ).

Тие тврдат дека ова создава дополнителен притисок врз енергетските системи и укажуваат дека природниот гас ќе остане клучен преоден извор на енергија, бидејќи може да го балансира нестабилниот карактер на обновливите извори.

Во анализата, авторите истакнуваат дека за енергетската транзиција да биде успешна, ќе биде потребно драстично зголемување на производството на критични минерали, што носи сериозни предизвици. Тие наведуваат дека во Србија, на пример, проектот Јадар за екстракција на литиум предизвикал масовни протести, обединувајќи еколошки активисти и ултранационалисти против плановите за рударство.

Во овој контекст, се предочува дека слични отпори се јавуваат низ целиот свет, бидејќи многу заедници стравуваат од еколошките и социјалните последици од рударските активности. Според Јергин, Орсзаг и Араја ова ја прави енергетската транзиција не само техничко и економско прашање, туку и политичка борба која бара внимателен пристап.

На крајот, авторите заклучуваат дека енергетската транзиција нема да биде едноставна, ниту линеарна, нагласувајќи дека таа ќе се одвива со различни брзини во различни региони, зависно од технолошките капацитети, економската состојба и геополитичките фактори. Оттука, наместо радикални промени, потребен е прагматичен пристап кој ќе ги земе предвид:

  • Реалноста на глобалната економија и растечката побарувачка за енергија;
  • Потребата од природен гас како стабилизирачки фактор во транзицијата;
  • Долгорочните вложувања во инфраструктура за обновлива енергија и складирање;
  • Геополитичките и материјалните ограничувања поврзани со снабдувањето со критични минерали.

Авторите истакнуваат дека транзицијата нема да може да се одвива со брзина што не ги зема предвид овие ограничувања. Според нив, потребен е стратешки пристап кој ќе комбинира климатски амбиции со економски и политички реалности.

Извор: Foreign Affairs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement