Германската влада започна процес за приватизација на енергетската компанија Uniper, речиси четири години откако ја национализираше со пакет помош вреден 20 милијарди евра поради енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина.
Берлин планира да го намали својот удел во компанијата од сегашните 99% на 25% плус една акција. Според германските власти, сè уште не е донесена конечна одлука за моделот на продажба, но како можни опции се разгледуваат берзанско котирање или приватна трансакција.
Uniper пред 2022 година беше најголемиот увозник на руски гас во Европа, а нејзината национализација стана симбол на силната зависност на Германија од евтината руска енергија. По прекинот на испораките на гас од Москва, компанијата се соочи со сериозни финансиски проблеми, по што германската држава интервенираше за да спречи нејзин колапс.
Во рамки на спасувачкиот пакет, германската влада обезбеди 13,5 милијарди евра капитална поддршка и дополнителни заеми до 6 милијарди евра, што претставува една од најголемите корпоративни интервенции во историјата на Германија.
Од Министерството за финансии соопштија дека објавувањето на планот има цел да го испита интересот на потенцијалните инвеститори, но нагласија дека приоритет останува долгорочната стабилност на компанијата и безбедноста на снабдувањето со енергија.
Планот за приватизација веднаш предизвика реакции од синдикатите. Претседателот на работничкиот совет на Uniper, Мартин Гајлхорн, предупреди дека евентуална продажба на компанијата ќе наиде на „силен отпор“ од вработените, иако синдикатите би поддржале иницијална јавна понуда на берза.
Според европските правила, Германија до крајот на 2028 година мора да го намали уделот и во Uniper и во компанијата Sefe на максимум 25% плус една акција.
Во изминатите години Uniper започна интензивно да ги диверзифицира своите извори на снабдување, откако Германија беше принудена брзо да се откаже од руската енергија и да се насочи кон алтернативни извори, вклучително и поскап течен природен гас.
Извршниот директор на компанијата, Мајкл Луис, оцени дека Uniper денес е „постабилна и поотпорна“, додавајќи дека компанијата повторно е во позиција да исплаќа дивиденди и да инвестира во раст и трансформација.
Енергетската криза и прекинот на руските испораки силно ја погодија германската економија, која веќе се соочува со структурно повисоки цени на енергијата. Дополнителен притисок врз пазарот создава и актуелната нестабилност на Блискиот Исток и нарушувањата во глобалното снабдување со енергенси.
Извор: Financial Times
