Претседавачот со COP31 повика на забрзана електрификација во борбата против климатските промени

Претседавачот на претстојниот климатски самит на Обединетите нации COP31, Мурат Курум, за време на министерскиот климатски состанок во Копенхаген повика на значително забрзување на глобалната електрификација како клучен чекор во справувањето со климатските промени.

Курум ја истакна „електрификацијата како критичен фронт на енергетската транзиција“, нагласувајќи дека е неопходно поголем дел од финалната потрошувачка на енергија да се обезбедува преку електрична енергија. Во моментов, електричната енергија учествува со околу 20% во глобалната потрошувачка, но според сценариото за нето-нула емисии на Меѓународната агенција за енергија (IEA), тој удел треба да надмине 27 проценти до 2030 година.

„За да ја оствариме оваа мисија, декарбонизацијата на производството на електрична енергија е суштинска. Но, тоа само по себе не е доволно“, изјави Курум, кој воедно е и турски министер за климатски промени.

РЕКЛАМА

Изминатите години, повеќе држави ги постигнаа најголемите намалувања на емисиите токму преку декарбонизација на електроенергетскиот сектор, најчесто со затворање на термоелектрани на јаглен и интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија. Овој процес се смета за поостварлив во споредба со намалувањето на емисиите во транспортот и домашното греење.

Турција годинава ќе биде домаќин на COP31, кој ќе се одржи од 9 до 20 ноември во Анталија, додека Австралија ќе ги предводи преговорите. Во април, Курум ја претстави турската агенда за самитот, фокусирана на електрификација, забрзан развој на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност, климатско финансирање, намалување на емисиите на метан и чисто готвење. Сепак, постепеното исфрлање на фосилните горива, кои се главен извор на CO₂ емисии, не беше вклучено меѓу приоритетите.

Климатскиот министерски состанок во Копенхаген е организиран од данската влада, заедно со претседавачот со COP30 Андре Кореа до Лаго и Мурат Курум. Средбата се одржува зад затворени врати и претставува можност за усогласување на приоритетите пред COP31 и јунските преговори во Бон, Германија, под покровителство на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC).

Според Кејси Браун, заменик-директор за климатска дипломатија и геополитика во тинк-тенкот E3G, состанокот претставува „можност министрите да се обединат, да дискутираат и да изградат појасна заедничка визија за патот кон COP31“.

Извор: Argusmedia.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил