Природниот гас во Македонија во 2025. Пазарот либерализиран, но недоволно развиен

Република Македонија и во 2025 година останува целосно зависна од увоз на природен гас, со пазар кој е либерализиран, но реално ограничен по обем, број на корисници и конкуренција, покажува најновиот Годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). И покрај тоа што природниот гас повеќе од една деценија е препознаен како транзициско гориво во енергетската политика, неговото учество во вкупната финална потрошувачка во земјата и натаму е ниско и силно зависно од неколку големи потрошувачи.

Во текот на 2025 година преку системот за пренос биле пренесени околу 3,43 милијарди киловат-часови природен гас, што одговара на приближно 325 милиони кубни метри, при што се бележи пад од околу осум проценти во однос на 2024 година. Намалувањето на количините, според податоците на РКЕ, е резултат на пониска побарувачка, ценовните движења на европските пазари и специфичната структура на македонскиот пазар, кој зависи од мал број големи системски корисници.

Македонија нема сопствени извори на природен гас и целокупната потрошувачка се покрива со увоз. Во текот на 2025 година единствениот физички влезен правец на гасот е преку Бугарија, преку постојниот преносен систем, што ја прави земјата структурно зависна од еден снабдувачки коридор. Иако гасот формално се увезува преку бугарската инфраструктура, неговото реално потекло е комбинација од различни извори од европските пазари, во зависност од договорите и пазарните стратегии на трговците. Отсуството на алтернативни правци за снабдување, според РКЕ, претставува еден од клучните структурни ризици за секторот.

РЕКЛАМА

Анализата на потрошувачката покажува дека природниот гас во Македонија има изразено енергетска намена. Дури околу 85% од вкупната потрошувачка отпаѓаат на комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија и на системите за централно греење, пред сè во Скопје. Индустриските корисници приклучени директно на преносниот систем учествуваат со околу 13%, додека домаќинствата и малите потрошувачи преку дистрибутивните мрежи користат само околу 2% од природниот гас. Овие податоци, според РКЕ, јасно укажуваат дека процесот на гасификација на домаќинствата и малите бизниси е сè уште маргинален и далеку од стратешките цели поставени во изминатите години.

Цените на природниот гас и натаму се една од главните пречки за поширока употреба. Во 2025 година просечната цена за индустриските потрошувачи приклучени на преносниот систем изнесувала околу 49 евра за мегават-час, додека корисниците приклучени на дистрибутивните системи плаќале во просек 60,8 евра за мегават-час. Највисока е цената за домаќинствата, која достигнува 92,4 евра за мегават-час, што, според РКЕ, значително ја намалува атрактивноста на природниот гас како алтернатива за греење во споредба со други енергенси.

Извештајот бележи и екстремно високо ниво на пазарна концентрација. Пазарот на природен гас во земјата е доминиран од мал број учесници, при што четири компании контролираат повеќе од 93% од вкупниот пазар, а индексот на концентрација (HHI) надминува 3.000, што е карактеристично за силно концентрирани пазари. Најголем учесник е ТЕ-ТО АД Скопје, која има околу 71% удел во увозот и трговијата со природен гас, главно за сопствени потреби за производство на електрична и топлинска енергија. Макпетрол АД Скопје е втор најголем играч, со околу 20% удел на пазарот на големо и доминантна позиција во снабдувањето на домаќинствата и малите потрошувачи.

Во сегментот на дистрибуцијата, во 2025 година активни биле само три системи за дистрибуција на природен гас, и тоа во Технолошко-индустриските развојни зони во Скопје, во Струмица и во Куманово. Преку овие системи биле снабдувани 669 активни корисници, а вкупната дистрибуирана количина изнесувала 72,2 милиони киловат-часови, што претставува симболичен удел во вкупната потрошувачка на природен гас во државата.

Македонската гасна инфраструктура во моментов опфаќа околу 210 километри мрежа, со технички капацитет од приближно 800 милиони нормални кубни метри годишно, што значи дека постојниот систем има простор за значително поголемо користење. РКЕ наведува дека клучен приоритет во наредниот период ќе биде диверзификацијата на правците за снабдување, преку реализација на гасниот интерконектор со Грција и планираните поврзувања со Србија, Косово и Албанија, со што би се намалила зависноста од еден увозен коридор и би се зголемила сигурноста на снабдувањето.

Во 2025 година беше донесен и новиот Закон за енергетика, со кој се унапредува регулаторната рамка за природниот гас, се воведуваат нови категории како биометан и водород и се продолжува усогласувањето со европското законодавство. Сепак, според оценката на РКЕ, без позначајни инвестиции во инфраструктурата, пониски цени и поактивна конкуренција, природниот гас и натаму ќе има ограничена улога во финалната потрошувачка, надвор од големите енергетски системи.

Природен гас во Република Македонија – 2025 (клучни податоци)

КатегоријаПодаток
Вкупна количина пренесен гас3,43 милијарди kWh
Еквивалент во волумен≈ 325 милиони nm³
Промена во однос на 2024↓ околу 8%
Извор на снабдување100% увоз
Увозен правецПреку Бугарија
Крајно потекло на гасотМикс (европски пазари – вкл. руски и азербејџански гас)
Главен потрошувачки секторКомбинирани електро- и топлински постројки и топлани
Удел – енергетика≈ 85%
Удел – индустрија (пренос)≈ 13%
Удел – домаќинства и мали потрошувачи (дистрибуција)≈ 2%
Активни увозници во 20258 компании
Пазарна концентрацијаМногу висока (4 компании >93% од пазарот)
Доминантен играч (големо)ТЕ-ТО АД Скопје (~71%)
Доминантен снабдувач (мало)Макпетрол АД Скопје (>50%)
Активни дистрибутивни системи3 (Скопје – ТИРЗ, Струмица, Куманово)
Вкупно дистрибуиран гас72,2 милиони kWh
Број на активни гасни корисници669
Должина на гасната мрежа≈ 210 km
Капацитет на системот≈ 800 милиони nm³ / годишно
Просечна цена – индустрија (пренос)49,1 EUR/MWh
Просечна цена – дистрибуција60,8 EUR/MWh
Просечна цена – домаќинства92,4 EUR/MWh

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил