Хрватска направи клучен чекор кон забрзување на енергетската транзиција, откако регулаторот HERA усвои нов надомест за приклучување на електроенергетската мрежа. Со оваа одлука, се очекува да се деблокираат околу 60 проекти за обновлива енергија со вкупен капацитет од 3,6 гигавати, кои со години беа во застој.
Министерот за економија, Анте Шушњар, оцени дека мерката ќе стави крај на шпекулативните апликации кои го окупирале мрежниот капацитет без реална реализација, отворајќи простор за сериозни инвеститори.
Новиот модел воведува јасни правила за трошоците: за приклучување на високонапонската мрежа (110, 220 и 400 kV) надоместот е утврден на 19 евра по киловат, додека инвеститорите ќе ги сносат и трошоците за физичкиот приклучок, кои можат да достигнат значителни суми во зависност од локацијата. За пониските напонски нивоа, надоместот се движи од 106 до 193 евра по киловат, но без обврска за дополнително финансирање на инфраструктурата.
Со години, отсуството на ваков механизам создаваше неизвесност и го кочеше инвестицискиот циклус, компаниите не можеа да ги затворат финансиските конструкции ниту да склучат договори за приклучување, и покрај тоа што ги имаа обезбедено сите дозволи.
Бизнис-заедницата предупредува дека доцнењата веќе ставиле во ризик проекти од 1,5 до 2 гигавати, поради можноста да им истечат енергетските одобренија. Затоа се бараат итни законски измени за да се заштитат инвестициите.
Инвеститорите ја поздравија новата регулатива како чекор кон поголема предвидливост и сигурност, иако остануваат резерви за потенцијалните ограничувања од страна на операторот на преносниот систем HOPS. Според индустриските здруженија, евентуалните рестрикции не би требало да надминат 5% од производството доколку инвеститорите учествуваат во развојот на мрежата.
Во моментов, Хрватска има околу 5 гигавати инсталиран капацитет од обновливи извори, доминантно од хидроелектрани, како и 1,3 GW соларна и 1,2 GW ветерна енергија. Со новите мерки, земјата има амбиција да достигне 7,5 гигавати зелена енергија до крајот на деценијата, позиционирајќи се како сериозен играч во регионалната енергетска транзиција.
Извор: Hera.hr
