Два месеци по избувнувањето на војната со Иран, европскиот пазар на природен гас засега успева да избегне драматични ценовни скокови какви што беа забележани за време на енергетската криза во 2022 година. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ризиците од поскапување остануваат високи, особено со приближувањето на летниот период кога се очекува зголемена побарувачка.
Иако конфликтот доведе до значително намалување на глобалната понуда на течен природен гас, Европа успеа да го одржи увозот на релативно стабилно ниво. Тоа, пред сè, се должи на ослабената побарувачка во делови од Азија. Во Кина, на пример, е регистриран значителен пад на увозот на ЛНГ, што помогна да се намали притисокот врз европските пазари.
Според трговците на енергенси, намалената побарувачка одиграла клучна улога во балансирањето на пазарот во услови на ограничена понуда. Иако цените на гасот и понатаму се над нивото од пред војната, тие се далеку од пиковите забележани во првите недели од конфликтот.
Дел од пазарните учесници се водат и од очекувањата дека конфликтот би можел да заврши пред летото, што дополнително ги ограничува ценовните притисоци. Сепак, не сите аналитичари се оптимисти. Некои предупредуваат дека пазарот можеби ги потценува потенцијалните ризици, особено ако нарушувањата во снабдувањето продолжат.
Еден од главните предизвици за Европа останува полнењето на складиштата пред следната зима. Нивото на резерви во моментов е пониско во споредба со претходните години, што значи дека ќе биде потребно зголемено снабдување во наредните месеци. Во исто време, евентуални топлотни бранови во Азија би можеле повторно да ја зголемат побарувачката таму и да ја засилат конкуренцијата за ограничените количини на ЛНГ.
Дополнителен притисок веќе се чувствува и од страната на понудата. Дел од претходно договорените испораки веќе се реализирани, а новите количини се намалуваат. Според достапните податоци, увозот на течен природен гас во Европа веќе бележи пад на годишно ниво.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку конфликтот се пролонгира кон летото, пазарот би можел да стане значително понестабилен, со поголеми ценовни осцилации.
На подолг рок, кризата дополнително го засилува трендот на постепено намалување на зависноста од природниот гас во Европа. По искуството од 2022 година, европските земји веќе работат на зголемување на уделот на домашни и обновливи извори на енергија, како и на подобрување на енергетската ефикасност.
Според експертите, посебен фокус ќе има намалувањето на потрошувачката кај домаќинствата, преку промоција на алтернативни решенија како топлински пумпи и подобра изолација. Во електроенергетскиот сектор, пак, се очекува поголемо вложување во системи за складирање на енергија, што би помогнало да се намали потребата од гас при производство на струја.
Иако Европа засега успева да ја одржи стабилноста, наредните месеци ќе бидат клучни за тоа дали пазарот ќе остане балансиран или ќе се соочи со нов бран на неизвесност.
Извор: SPglobal.com
