Њујорк тајмс: Разговорите САД-Русија за Украина вклучуваат и повеќемилијарден договор за имотот на Лукоил

Разговорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија за ставање крај на војната во Украина се прошириле и на потенцијален повеќемилијарден договор за продажба на меѓународните нафтени средства на руската компанија Лукоил, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на осум лица запознаени со преговорите.

Според весникот, станува збор за обемен пакет што вклучува нафтени полиња, рафинерии и бензински станици на Лукоил во повеќе земји. Договорот би бил можен само со одобрение од американската влада и Кремљ.

Меѓу главните кандидати за купување е група предводена од американскиот инвеститор Тод Боли, заедно со инвеститори од Блискиот Исток и американската влада преку нејзината Меѓународна развојна финансиска корпорација (DFC).

РЕКЛАМА

Како што пишува „Њујорк тајмс“, потенцијалниот договор отвора и прашања за поврзаноста меѓу деловните интереси на луѓе блиски до Трамп и неговата надворешна политика. Весникот наведува дека нема индикации дека специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, лично би профитирале од договорот, но дека инвеститорите кои се дел од групата имаат деловни врски со нив или со нивните семејства.

Според три лица запознаени со средбата, рускиот претседател Владимир Путин го отворил прашањето за договорот за Лукоил на 5 септември, за време на средбата со Виткоф и Кушнер во Кремљ. Еден од изворите за „Њујорк тајмс“ рекол дека Путин го претставил договорот и како начин да им се покаже на Русите дека повторно можат да соработуваат со американски компании.

Американската страна, според истиот извор, одговорила дека ќе работи на договорот, гледајќи во него можност за подобрување на односите со Кремљ, но и за зголемување на пристапот до енергија и намалување на глобалните цени.

Договорот би имал и директен финансиски ефект за купувачите. Со американско одобрение, средствата на Лукоил би можеле да бидат ослободени од американските санкции, што би ја зголемило нивната пазарна вредност.

Во Москва, иако Лукоил формално е приватна компанија, конечната одлука за трансакцијата практично се смета за прашање на претседателот Путин. Во Вашингтон, пак, клучната улога ја има Белата куќа, додека Министерството за финансии е надлежно за спроведување на санкциите.

Потенцијалната трансакција опфаќа средства со различен карактер и локација – од нафтени полиња во Камерун, преку рафинерии во Европа, до бензински станици во американската сојузна држава Њу Џерси.

Кој е во групата за купување

Боли, косопственик на бејзбол-тимот „Лос Анџелес доџерс“, според „Њујорк тајмс“, во декември 2025 година донирал еден милион долари на MAGA Inc., политичкиот комитет поврзан со Трамп, а уште еден милион долари преку неговата инвестициска компанија „Елдриџ индустрис“ бил даден за инаугурацијата на Трамп.

Во групата е и катарскиот конгломерат контролиран од браќата Мутаз и Рамез Ал–Кајат. Тие имаат деловно партнерство со Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп во проект за повеќемилијарден луксузен туристички комплекс во јужна Албанија.

Друг значаен инвеститор би бил инвестициски фонд од Абу Даби контролиран од шеикот Тахнун бин Зајед Ал Нахјан, советник за национална безбедност на Обединетите Арапски Емирати. Неговите деловни интереси се поврзани и со „World Liberty Financial“, криптовалутната компанија во која учествува семејството Трамп, а која е поврзана и со Виткоф.

Според „Њујорк тајмс“, Виткоф бил коосновач на „World Liberty Financial“, додека во компанијата учествуваат и синовите на Трамп. Весникот наведува дека компанијата во 2025 година му донела на Трамп 799 милиони долари, а во неа инвестирал и субјект поврзан со фондот на шеикот Тахнун. Лице блиско до Виткоф рекло дека тој во меѓувреме го продал својот удел во компанијата.

Од администрацијата на Трамп било потврдено дека Виткоф и Кушнер директно учествувале во преговорите за финансиските услови на инвестицијата на американската влада. Според висок претставник на администрацијата, договорот треба да обезбеди значителна уплата однапред и удел во идната добивка за САД.

Портпаролката на Виткоф ги отфрлила сомневањата за конфликт на интереси, наведувајќи дека тој „нема конфликт на интереси и нема финансиски удел во ова прашање“.

Од Карлајл до новата понуда

Продажбата на меѓународните средства на Лукоил не започнува со сегашната група инвеститори. Кога компанијата минатата година ги понудила средствата на пазарот, интерес покажале повеќе потенцијални купувачи, меѓу кои и американски енергетски компании како „Шеврон“.

Американската инвестициска компанија „Карлајл“ во јануари постигнала начелен договор за купување на значаен дел од средствата. Компанијата ја претставувала трансакцијата како можност меѓународното портфолио на Лукоил да премине под американска сопственост и да придонесе кон целта на администрацијата на Трамп за поголема американска енергетска независност.

Но, одобрението од американската влада за понудата на „Карлајл“ се одолжило, по што во последните месеци во прв план излегла групата предводена од Боли.

Американската влада би учествувала во трансакцијата преку DFC, агенција која финансира и инвестира во проекти во странство. Од корпорацијата за „Њујорк тајмс“ изјавиле дека потенцијалниот договор би ја зајакнал економската безбедност на САД, би ги поддржал американските надворешнополитички цели и би придонел за пониски цени на енергијата за американските потрошувачи.

Сепак, трансакцијата не би била целосно американска. Значаен удел би имал катарскиот инвестициски конгломерат на браќата Ал-Кајат, додека друг значаен партнер би бил фонд од Абу Даби.

Лукоил под санкции, но со важна улога во европското снабдување

Американската администрација воведе санкции против Лукоил пред една година, со цел да се изврши дополнителен притисок врз Путин поради војната во Украина. Санкциите, истовремено, го принудија Лукоил да размислува за продажба на своето широко меѓународно портфолио.

Според „Њујорк тајмс“, американската влада практично има право на вето врз потенцијалната трансакција, бидејќи од неа зависи начинот на спроведување на санкциите.

Во ноември минатата година Министерството за финансии одбило понуда од швајцарската трговска компанија „Гунвор“, која сакала да ги купи странските средства на Лукоил. Во јануари „Карлајл“ постигнал необврзувачки договор со Лукоил, но конечната согласност од Вашингтон не била дадена.

Одолжувањето на процесот довело до повеќекратни продолжувања на санкцискиот режим за дел од активностите на Лукоил. Најновото продолжување, според текстот на „Њујорк тајмс“, важи до 29 октомври.

Во меѓувреме, меѓународните средства на Лукоил имаат и пошироко значење за енергетските пазари. Рафинериите на компанијата во Холандија, Бугарија и Романија произведуваат дизел и авионско гориво, производи чие снабдување е отежнато по почетокот на војната со Иран, што придонесе за раст на цените.

„Њујорк тајмс“ наведува дека Лукоил претходно годинава ги проценил своите меѓународни средства на околу 20 милијарди долари. Сепак, вредноста и структурата на потенцијалниот договор со новата група купувачи сè уште не се познати.

Рускиот специјален пратеник Кирил Дмитриев, кој е вклучен во процесот на продажба, минатиот месец престојувал во Њујорк и Вашингтон. Тој изјавил дека дијалогот со САД продолжува во повеќе области, „вклучително и во енергетиката“.

Засега договорот не е финализиран и ќе треба да ги добие потребните одобренија во Вашингтон и Москва. Според извештајот на „Њујорк тајмс“, неговата конечна судбина во голема мера зависи од одлуките на Трамп и Путин.

Извор: NYTimes.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил