НОМАГАС го потпиша меморандумот во Солун
Македонија и официјално станува дел од Вертикалниот гасен коридор, регионалната иницијатива што ги поврзува гасните системи на Југоисточна и Централна Европа и треба да овозможи поголема диверзификација на снабдувањето и повеќе правци за транспорт на природен гас.
Во рамки на 10. Southeast Europe Energy Forum – SEEF2026 во Солун, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, денеска го потпиша Меморандумот за разбирање за приклучување на Македонија кон иницијативата „Вертикален гасен коридор“.
Церемонијата се одржа во The Met Hotel, по министерската тркалезна маса „Security, Affordability and Competitiveness in a Changing Energy Landscape“, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претставници на земјите и операторите вклучени во иницијативата.
Со потпишувањето, НОМАГАС се приклучува кон операторите на системите за пренос на природен гас кои работат на развојот на Вертикалниот коридор. Во регионалната рамка се поврзуваат гасните системи на Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина, Молдавија и Србија, со цел да се создаде поширока оска за транспорт на гас во насока југ–север.
„За Македонија, приклучувањето кон Вертикалниот коридор ќе ја зајакне регионалната соработка, ќе поддржи подобра интеграција на нашиот национален систем за пренос на природен гас со пошироката европска мрежа, ќе ги диверзифицира рутите за снабдување со гас и ќе ја унапреди сигурноста на снабдувањето во регионот“, истакна Недим Рама, извршен директор на НОМАГАС АД Скопје.
Од крајна точка кон регионалната мрежа
За Македонија, приклучувањето добива значење во момент кога земјата истовремено ја гради својата нова гасна инфраструктура и се обидува да обезбеди повеќе алтернативи за снабдување.
Клучен дел од таа стратегија е интерконекторот со Грција, чија изградба е во тек, а пуштањето во употреба се очекува во третиот квартал од 2027 година. Со него македонскиот систем ќе биде поврзан со грчката гасна мрежа, а преку неа и со регионалните извори и инфраструктура за увоз на природен гас.
Дополнителна врска треба да обезбеди и интерконекторот со Србија. Двата проекти се важни за македонската позиција во рамките на Вертикалниот коридор, бидејќи овозможуваат поврзување на јужниот правец со северните гасни пазари.
Министерката Божиновска во Солун оцени дека со денешниот чекор Македонија го менува досегашниот статус во регионалната гасна мрежа.
„Денес, правиме историски чекор на кој Македонија чекаше повеќе од три децении. Со официјалното пристапување кон Вертикалниот гасен коридор, ставаме крај на една ера – ерата на целосна енергетска зависност од само еден извор и една гасна рута. Со потпишувањето на заедничката декларација со нашите регионални партнери, Македонија веќе не е пасивна крајна точка на мапата, туку активен партнер во новата енергетска архитектура на Европа“, истакна Божиновска.
Самото приклучување не значи изградба на еден нов гасовод од југ кон север. Станува збор за координирано поврзување и користење на постојните и новите национални гасоводни системи, интерконектори и терминали, со што се создава можност гасот да се движи по повеќе правци.
За Македонија тоа значи можност во иднина да има пристап до различни извори и рути, наместо да зависи од една транспортна врска.
„Ова има директно значење за граѓаните и македонската економија. Со интерконекторот со Грција и пристапот до ЛНГ терминалите отвораме простор за повеќе понудувачи и поголема конкуренција на пазарот. Со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно, создадовме инфраструктурна основа за значително поголема сигурност и флексибилност во снабдувањето.“
Новата инфраструктура треба да ја промени позицијата на Македонија
Во Солун, Божиновска ја поврза македонската гасна стратегија и со плановите за интерконекторот со Србија. Неговата изградба би овозможила Македонија да добие пристап кон северниот правец и да се поврзе со системите на Централна и Источна Европа.
„Нашата визија не завршува со обезбедувањето гас за домашните потреби. Со интерконекторот со Србија го правиме следниот чекор – Македонија да стане транзитна енергетска врска која го поврзува југот со Централна Европа. Ова е стратешка позиција која носи и поголема енергетска сигурност и потенцијални економски придобивки за државата.“

Вертикалниот гасен коридор е замислен како пофлексибилна регионална мрежа преку која природниот гас може да се транспортира во различни насоки. Целта е да се намали зависноста од еден извор или една рута, да се зголемат капацитетите на интерконекциите и да се овозможи подобро искористување на постојната инфраструктура.
Меморандумот предвидува координација во развојот и работењето на поврзаните системи, надминување на тесните грла, зголемување на капацитетите на интерконекциските точки и подобрување на можностите за двонасочен проток на природен гас.
Соработката ќе ги опфати и техничките, регулаторните и комерцијалните прашања.
За реализација на договорените активности ќе биде формиран Управувачки комитет составен од главните извршни директори на потписниците, како и Проектен тим, кој по потреба ќе формира специјализирани работни групи.
Новиот меморандум го заменува оној потпишан на 19 јануари 2024 година и ќе важи три години, со можност за автоматско продолжување за уште една година.
„Македонија веќе не е пасивна крајна точка“
За Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, денешното потпишување е продолжение на активностите за регионално енергетско поврзување, особено во делот на природниот гас.
„Енергетската независност значи државен суверенитет. Со денешниот чекор Македонија покажува дека е стабилен, предвидлив и сериозен партнер во изградбата на новата енергетска безбедност на Југоисточна Европа.“
Приклучувањето на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор доаѓа паралелно со изградбата на интерконекторот со Грција и подготовките за интерконекторот со Србија. Токму овие две врски треба да бидат основата за посилно интегрирање на македонскиот гасен систем во регионалната мрежа.
Министерката Божиновска во периодот пред денешното потпишување имаше средби со претставници на земјите од регионот и американската администрација, при што меѓу главните теми беа диверзификацијата на снабдувањето и регионалната енергетска инфраструктура.
Денешниот настан во Солун претставува формализирање на учеството на НОМАГАС во новата рамка за соработка.
„Денес оваа политичка одлука ја пренесуваме на терен. Нашата задача е инфраструктурата да ја изградиме брзо и ефикасно, за граѓаните и економијата реално да ги почувствуваат придобивките од диверзификацијата. Благодарни сме на нашите регионални партнери и на Европската комисија за поддршката.“
Од Солун, главната порака е дека Македонија со новите интерконекции се обидува да ја промени досегашната позиција на крајна точка на гасната мрежа. Ако интерконекторите со Грција и Србија бидат реализирани според планираната динамика, земјата ќе има можност да биде дел од пошироки регионални текови на природен гас, со повеќе можности за снабдување и потенцијал за транзит.
Енергетика 24
