Лидерите на ЕУ бараат дополнителни мерки за ограничување на растот на цените на енергијата

Лидерите на 27-те земји членки на Европската Унија побараа од Европската комисија да разгледа и, доколку е потребно, да предложи дополнителни краткорочни мерки за ублажување на високите цени на енергијата, поттикнати главно од војната на Блискиот Исток.

Во заклучоците од самитот во Брисел, одржан во четвртокот, Европскиот совет оцени дека актуелната ситуација бара итен и координиран европски одговор преку привремени и насочени мерки, приспособени на специфичните околности во земјите членки, без да се наруши единствениот пазар.

Лидерите нагласија дека при подготовката на новите предлози Европската комисија треба да ги земе предвид и разликите во цените на електричната енергија меѓу земјите членки.

РЕКЛАМА

Растот на цените на енергијата беше разгледан во рамките на пошироката дебата за конкурентноста на европската економија, со оглед на притисокот што поскапите енергенси го создаваат врз индустријата и домаќинствата.

Поголема флексибилност за индустријата

Европските лидери ја поздравија и иницијативата на Европската комисија за одложување за една година на примената на одредбите од регулативата за емисиите на метан што се однесуваат на обврските на увозниците на енергенси во ЕУ.

Тие ја поддржаа и намерата на Комисијата да го продолжи важењето на пофлексибилните правила за доделување државна помош на индустриските сектори кои се најтешко погодени од високите енергетски трошоци.

Овие мерки се дел од пошироките напори на Унијата за ублажување на последиците од енергетската криза и за зачувување на конкурентноста на европските компании во услови на нестабилни меѓународни пазари.

Дел од земјите бараат дополнително одложување на системот за јаглеродни емисии

Значаен дел од дискусијата бил посветен и на реформата на постојниот систем за тргување со емисии на стакленички гасови, познат како ЕТС 1, како и на воведувањето на новиот систем ЕТС 2, кој ќе ги опфати емисиите од горивата што се користат во патниот транспорт и за греење на зградите.

ФОТО / EU Commission

Со ЕТС 2, добавувачите на горива ќе мора да купуваат дозволи за емисиите на јаглерод диоксид поврзани со горивата што ги пласираат на пазарот. Трошокот се очекува да се пренесе врз крајните потрошувачи преку повисоки цени на бензинот, дизелот, горивата за греење и природниот гас.

За ублажување на последиците врз ранливите домаќинства е предвиден Социјалниот климатски фонд, преку кој ќе се поддржуваат енергетската обнова на домовите, почистите системи за греење и подостапниот транспорт, како и привремената директна финансиска помош.

Според бриселскиот портал „Политико“, Италија, Полска, Чешка и Унгарија побарале воведувањето на ЕТС 2 да се одложи за дополнителни две години. Почетокот на примената на системот веќе беше поместен од 2027 на 2028 година, додека повеќето други земји членки се противат на ново одложување.

Во конечните заклучоци од самитот, лидерите побараа од Европската комисија да ја ажурира процената на сите влијанија од ЕТС 2, што остава простор за дополнителна анализа на последиците од системот врз потрошувачите и економијата.

Дискусиите за цените на енергијата, државната помош и јаглеродните давачки покажуваат дека ЕУ се соочува со предизвикот истовремено да ги заштити домаќинствата и индустријата од нови поскапувања и да продолжи со спроведувањето на климатските политики.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил