За обновување на изгубеното енергетско производство на Блискиот Исток поради конфликтите во регионот ќе бидат потребни околу две години, изјави директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол.
Во интервју за швајцарскиот весник Neue Zuercher Zeitung, Бирол посочи дека времето за закрепнување ќе се разликува од држава до држава.
„Во Ирак, на пример, тоа ќе трае значително подолго отколку во Саудиска Арабија. Сепак, проценуваме дека на регионот во целина ќе му бидат потребни околу две години за да се врати на нивото пред војната“, изјави тој.
Бирол предупреди дека пазарите ги потценуваат последиците од продолжено затворање на Ормускиот теснец, клучна поморска рута за транспорт на нафта и гас.
Според него, испораките што биле испратени пред почетокот на војната во Иран веќе пристигнале на своите дестинации, што привремено го ублажило недостигот.
„Но, во март не беа натоварени нови танкери. Немаше нови испораки на нафта, гас или горива кон азиските пазари. Тој јаз сега станува видлив. Доколку Ормускиот теснец не биде повторно отворен, мора да се подготвиме за значително повисоки цени на енергенсите“, нагласи Бирол.
На прашањето дали ИЕА би можела повторно да интервенира со ослободување на стратешките резерви на нафта, по мерките преземени во март, Бирол рече дека агенцијата е подготвена да реагира веднаш и решително.
Извор: Nzz.ch
