Енергетскиот шок ја чинеше ЕУ над 100 милијарди евра, без дополнителни количества нафта и гас

Европската унија годинава плати повеќе од 100 милијарди евра дополнително за енергија, без притоа да добие ниту дополнителна количина нафта или гас, предупреди европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен по неформалниот состанок на министрите за енергетика, одржан минатата недела во Даблин.

„Од почетокот на војната, плативме повеќе од 100 милијарди евра дополнително за енергија, без да добиеме ниту една дополнителна молекула гас или нафта“, изјави Јоргенсен.

Високите цени истовремено ја зголемија и сумата што земјите членки ја издвојуваат за заштита на домаќинствата и компаниите. Според Европската комисија, 25 од 27-те земји членки годинава издвоиле вкупно 17,9 милијарди евра за ублажување на последиците од енергетскиот шок, што одговара на околу 0,1% од БДП на ЕУ.

РЕКЛАМА

Податоците на Евростат покажуваат колку силно повисоките цени ја зголемиле европската сметка за увоз на енергија. Во вториот квартал од 2026 година, вредноста на увезената нафта била за 55,8% повисока од месечниот просек во 2025 година, додека количината пораснала само 1,2%, на 36,7 милиони тони.

Кај ЛНГ, вредноста на увозот се зголемила за 4,1%, иако увезените количества биле за 5,6% помали. Кај гасот што се увезува преку цевководи, вредноста пораснала за 18,5%, а количината за 3,4%.

Повисоките трошоци за енергија се одразиле и врз трговскиот биланс на ЕУ. Енергетскиот трговски дефицит се зголемил од 71,3 милијарди евра во првиот квартал на 101,1 милијарда евра во вториот квартал.

Во вториот квартал ЕУ забележала и вкупен дефицит во трговијата со стоки од 21,8 милијарди евра, прв ваков резултат од вториот квартал на 2023 година.

Европската комисија смета дека досегашниот пристап со широки мерки за намалување на цените не е доволно насочен. Во документ до министрите за финансии на еврозоната, Комисијата препорачува поголем дел од поддршката да биде привремена и насочена кон ранливите домаќинства и компании.

Според Комисијата, повеќе од две третини од досегашната поддршка доаѓаат преку општи мерки за цените. Брисел смета дека таквиот пристап не е доволно прецизен и може да биде заменет со мерки што директно ги поддржуваат оние што се најмногу погодени од високите сметки.

Покрај краткорочната помош, Европската комисија бара и поголеми инвестиции во електроенергетските мрежи. Една од препораките е даночното оптоварување на електричната енергија да биде пониско во однос на гасот, со цел електрификацијата да стане поекономична и да се намали потрошувачката на фосилни горива.

Така, одговорот на актуелниот ценовен шок Брисел сè повеќе го поврзува со долгорочното намалување на зависноста од увозни фосилни горива. Наместо широко субвенционирање на цените, Комисијата предлага привремена и насочена помош, паралелно со инвестиции во мрежите и мерки што би ја намалиле изложеноста на европската економија на идни ценовни шокови.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил