„Енергетика 2026“ во Струга: Мрежата, складирањето и интеграцијата на обновливите извори во фокусот на енергетската транзиција

Енергетската транзиција, развојот и модернизацијата на електроенергетската мрежа, интеграцијата на обновливите извори, складирањето на енергија и развојот на современи пазари на електрична енергија се меѓу клучните теми на Меѓународната конференција „Енергетика 2026“, која од 24 до 26 септември се одржува во Струга во организација на Здружението на енергетичари на Македонија – ЗЕМАК.

Конференцијата ги обединува претставници на институциите, енергетските компании, инвеститори, регулатори, академската и инженерската заедница, како и домашни и меѓународни експерти. Целта е размена на знаења, искуства и практики за производство на електрична енергија, енергетската транзиција и одржливиот развој, но и отворање прашања поврзани со идниот развој на енергетскиот сектор во земјата и регионот.

Во рамки на конференцијата се одржуваат пленарни сесии, стручни презентации и дискусии посветени на актуелните предизвици во енергетиката, современите технологии, обновливите извори, складирањето, дигитализацијата, пазарните механизми и одржливиот развој.

РЕКЛАМА

Конференцијата ја отвори заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, заедно со претседателот на ЗЕМАК, Борко Алексоски.

Во фокусот на обраќањата беше оценката дека растот на производството од обновливи извори мора да биде проследен со соодветен развој на мрежната инфраструктура. Со зголемувањето на соларните и ветерните капацитети, развојот на системите за складирање и појавата на нови големи потрошувачи, електроенергетскиот систем се соочува со потреба од поголема флексибилност и сигурност.

ФОТО / МЕПСО

Генералниот директор на МЕПСО, доц. д-р Бурим Љатифи, порача дека енергетската транзиција повеќе не е прашање на избор, туку на начинот и динамиката на нејзиното спроведување.

„Енергетската транзиција веќе не е избор. Предизвикот е да ја спроведеме без загрозување на стабилноста и навреме да ги вклучиме новите извори, технологии и потрошувачи“, истакна Љатифи.

Тој посочи дека електроенергетскиот систем влегува во период на брзи промени, во кој истовремено расте производството од сонце и ветер, се развиваат системите за складирање, се зголемуваат потребите на индустријата и се појавуваат нови големи потрошувачи, меѓу кои и дата-центрите.

Според Љатифи, производните капацитети и преносната мрежа мора да се развиваат паралелно, со инвестиции во модернизација, нови далекуводи и трафостаници, зголемување на капацитетите и подобро управување со системот.

„Не е важна само количината на енергија, туку и местото на приклучување, динамиката на раст на потрошувачката. Навременото утврдување на инвестициите, техниките услови и фазите на приклучување, за инвеститорот значи предвидливост; за операторот – обврска секое приклучување да биде технички оправдано и долгорочно одржливо“, нагласи директорот на МЕПСО.

На потребата од промена на фокусот во енергетскиот сектор се осврна и претседателот на ЗЕМАК, Борко Алексоски. Тој оцени дека во изминатиот период вниманието постепено се поместува од самото зголемување на производството од обновливи извори кон прашањето како тоа производство сигурно и ефикасно да се интегрира во електроенергетскиот систем.

„Предизвикот повеќе не е само да произведеме енергија, туку да создадеме систем што може паметно и сигурно да ја интегрира“, порача Алексоски.

Токму интеграцијата на новите производни капацитети се наметнува како едно од клучните прашања за идниот развој на системот, особено во услови на забрзан развој на обновливите извори. Паралелно со производството, потребно е да се следи и развојот на мрежата, но и промените на страната на потрошувачката.

Посебно внимание на конференцијата е посветено на новите големи потрошувачи, вклучително и дата-центрите, чие приклучување може да создаде дополнителни потреби за мрежен капацитет и сигурност на снабдувањето.

Од ЗЕМАК посочуваат дека сигурната и флексибилна мрежа е важен предуслов за развој на нови инвестиции и конкурентност на индустријата, особено во услови на европската декарбонизација и примената на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – CBAM.

ФОТО / МЕМО

На конференцијата учествуваат и претставници на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, предводени од генералниот директор Зоран Ѓорѓиевски. МЕМО во рамки на настанот ќе презентира стручен труд од областа на пазарите на електрична енергија, со што се отвора простор и за дискусија за развојот на пазарните механизми и интеграцијата на македонскиот пазар во поширокиот регионален и европски контекст.

Со оглед на темите што ги опфаќа, „Енергетика 2026“ го става во центар прашањето како македонскиот електроенергетски систем да одговори на истовремениот раст на производството од обновливи извори, промените во потрошувачката и потребата од поголема сигурност и флексибилност.

Конференцијата треба да понуди простор за размена на искуства и идентификување на механизми за надминување на дел од овие предизвици, со акцент на развојот на мрежната инфраструктура, складирањето на енергија, пазарите на електрична енергија и сигурната интеграција на новите производни и потрошувачки капацитети.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил