Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) планира во следните пет години да инвестира 6 милијарди американски долари во проекти за обновлива енергија и енергетска транзиција во Турција, во рамки на новата платформа за забрзување на обновливите извори и чиста енергетска транзиција (REACT), промовирана на климатската конференција COP31 во Анталија.
Платформата има амбициозна цел до 2040 година да мобилизира вкупно 300 милијарди долари инвестиции во турскиот енергетски сектор, опфаќајќи го целиот синџир на вредност – од производство на електрична енергија од обновливи извори, преку преносна мрежа и складирање енергија, до развој на флексибилни системи, домашно производство на опрема и електрификација.
ЕБОР е меѓу првите потписници на иницијативата, во чие воспоставување активно учествуваше во соработка со турското Министерство за енергетика и природни ресурси.
Покрај ЕБОР, поддршка за платформата обезбедуваат Европската Унија, Светската банка, Меѓународната финансиска корпорација, Глазговската финансиска алијанса за нето-нулта емисија, Климатските инвестициски фондови, германската развојна банка КфВ и други меѓународни институции и партнери.
Претседателката на ЕБОР, Одил Рено–Басо, изјави дека Банката е подготвена да го искористи своето долгогодишно искуство во турскиот енергетски сектор за да мобилизира нов капитал и да обезбеди експертска поддршка за реализација на енергетската транзиција.
Таа оцени дека Турција поставила амбициозни цели и ја поздрави определбата на земјата тие да се претворат во конкретни инвестиции и проекти.
Според неа, соработката преку новата платформа треба да придонесе за поотпорна и поконкурентна економија, заснована врз сигурна, достапна и одржлива енергија.
REACT е замислена како механизам за координација и мобилизација на инвестиции, кој ги обединува државните институции, меѓународните финансиски организации, инвеститорите и приватниот сектор околу заедничка програма за спроведување на енергетската транзиција.
Амбициите на Турција се дополнително зголемени во пресрет на COP31. Земјата има цел до 2040 година да достигне 175 гигавати инсталиран капацитет од сончеви и ветерни електрани. За остварување на оваа цел ќе бидат потребни значителни инвестиции не само во нови производствени капацитети, туку и во електроенергетските мрежи, системите за складирање, регулаторните реформи и домашните производствени синџири.
Платформата REACT треба да помогне во усогласувањето на овие активности и забрзувањето на приоритетните инвестиции, вклучително и во контекст на глобалната иницијатива „35 до 2035“, која предвидува зголемување на учеството на електричната енергија во финалната потрошувачка на енергија на 35% до 2035 година.
ЕБОР е една од најголемите институционални инвеститори во Турција. Досега Банката има инвестирано повеќе од 26 милијарди евра во земјата, главно во приватниот сектор.
Извор: EBRD.com
