Една година по преземањето на власта, коалициската влада на германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со пад на јавната поддршка и продолжени економски предизвици, при што енергетската политика се издвојува како едно од најкритичните и најоспорувани прашања.
Според анализи на повеќе германски медиуми, владата не успеала да испорача убедливи резултати во секторот енергетика, и покрај амбициозните ветувања за пониски цени на струјата и зајакнување на индустриската конкурентност. Надворешните фактори, како трговските политики на САД и енергетската криза поттикната од војната со Иран, дополнително ја усложнија состојбата, но внатрешните несогласувања меѓу коалициските партнери – конзервативната алијанса CDU/CSU и SPD – остануваат доминантен извор на политичка нестабилност.
Анкетите покажуваат значителен пад на поддршката за двете партии. Конзервативниот блок бележи пад од 28,5 на 22% , додека кај Социјалдемократите падот е од 16,4 на 12%. Дополнително, речиси 70% од граѓаните имаат негативна перцепција за енергетската политика на владата.
Иако коалицијата дојде на власт со ветување за поевтина енергија за домаќинствата, такво намалување сè уште не е реализирано. За разлика од нив, индустриските потрошувачи веќе добија одредени олеснувања, вклучително и субвенционирана цена на електричната енергија. Во меѓувреме, деловната клима во Германија бележи пад, при што индексот на економскиот институт „Ифо“ во април достигна најниско ниво од 2020 година.
Клучните реформи во енергетскиот сектор сè уште не се завршени. Меѓу нив се измените на законот за декарбонизација на зградите, тендерите за резервни електрани, како и новите правила за поддршка на обновливите извори и електричните мрежи. Дел од медиумите оценуваат дека „многу прашања остануваат отворени“, а предложените политики на министерската за економија и енергетика Катерина Рајхе предизвикале силни реакции кај еколошките организации.
Критиките се насочени и кон нејзиниот пристап, кој става акцент на пазарни решенија и на приоритетите како што се достапноста и сигурноста на снабдувањето, наместо директно на климатските цели. Според дел од анализите, токму оваа ориентација дополнително ја продлабочува неусогласеноста во рамки на владината коалиција.
Организацијата Germanwatch оцени дека канцеларот Мерц успеал да ги заштити националните климатски цели и европскиот систем за тргување со емисии, но не и да ја ограничи, како што наведуваат, „сè подеструктивната“ енергетска политика. Воедно, тие предупредуваат дека зависноста од увоз на фосилни горива, особено во контекст на кризата со Иран, може да ја загрози долгорочната конкурентност на Германија.
Слична оценка дава и VDI, која предупредува дека на германската енергетска политика ѝ недостасува „одлучна имплементација“ на транзицијата кон климатски неутрален систем. Без јасна корекција на курсот, додаваат од таму, постои реален ризик целиот процес на енергетска трансформација да биде доведен во прашање.
Во услови на зголемени геополитички и економски притисоци, германската влада се наоѓа пред клучен тест – дали ќе успее да ја стабилизира енергетската политика и да ја врати довербата, или слабостите во овој сектор ќе продолжат да ја поткопуваат нејзината вкупна политичка позиција.
Извор: CleanEnergyWire.org
