Продажбата на електрични автомобили расте низ Западна Европа, Норвешка постави нов рекорд

Продажбата на електрични возила продолжува да расте во голем дел од Западна Европа, а европските автомобилски производители бележат сè поголема популарност на пазарот. Најновите податоци за април покажуваат силен раст на регистрациите на електрични автомобили, предводен од Норвешка, Данска и Шведска.

Норвешка повторно постави нов рекорд кога станува збор за уделот на целосно електрични возила (BEV), кои во април достигнаа 98,6% од сите новорегистрирани патнички автомобили. Ова е мало, но значајно зголемување во споредба со претходниот рекорд од 98,4% поставен во март.

Од вкупно 11.103 нови автомобили регистрирани во Норвешка во април, само 87 биле дизел возила, 31 бензински автомобил и 33 хибридни модели. Во првите четири месеци од 2026 година, електричните автомобили учествуваат со повеќе од 98% во вкупната продажба на нови автомобили во земјата.

РЕКЛАМА

Силен раст е забележан и во Данска, каде електричните автомобили достигнаа удел од 81,9% во април. Кај приватните купувачи, бројката е уште повисока – рекордни 96,3% од новите автомобили биле електрични. За споредба, во април минатата година уделот бил 63,3% .

Во Шведска, од 24.147 новорегистрирани автомобили во април, дури 9.834 биле електрични, што претставува 41% од пазарот и раст од 15% во однос на истиот месец од минатата година.

Значителен раст бележи и Шпанија, каде продажбата на електрични автомобили се зголемила за 44,4% . Во април биле регистрирани 11.039 електрични возила, кои учествуваат со 8,7% во вкупниот автомобилски пазар. Кога на ова ќе се додадат plug-in хибридите и класичните хибриди, електрифицираните возила достигнуваат речиси 20% удел на пазарот.

Позитивни трендови има и во Холандија, Ирска, Белгија и Франција. Во Ирска, продажбата на електрични автомобили е повеќе од двојно зголемена во споредба со април 2025 година, додека во Франција уделот на електрични возила пораснал од 18 на 26%.

Европските производители исто така бележат силно враќање на пазарот. Чешката Škoda беше меѓу најуспешните брендови во Данска и Холандија, благодарение на моделите Elroq и Enyaq. Германски Volkswagen доминираше во Норвешка, предводен од моделите ID.4 и ID.3.

Од друга страна, Tesla имаше послаб месец на неколку европски пазари. Во Норвешка компанијата беше дури 11-ти најпродаван бренд во април, додека во Данска моделот Tesla Model Y заврши на седмото место според продажба. Сепак, во Шведска и Франција Tesla повторно бележи раст, особено со Model Y, чија продажба значително се зголемила во споредба со лани.

Аналитичарите оценуваат дека европскиот пазар на електрични возила продолжува стабилно да расте, поттикнат од државни политики, подобра инфраструктура за полнење и сè поголема понуда на нови модели од европските производители.

Извор: TheDriven.io

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил