Бугарија забрзано го зголемува капацитетот за складирање електрична енергија, а околу 100 батериски системи веќе работат во земјата, повеќето изградени во последните две години. Развојот на складирањето се покажа особено значаен ова лето, кога ниските нивоа на Дунав го нарушија производството од нуклеарните и хидроелектраните во Источна Европа и ја зголемија побарувачката за увоз на електрична енергија.
Според Euronews, брзото ширење на батериските системи во Бугарија е поттикнато од релативно едноставните административни процедури, интересот за чиста енергија и европското финансирање.
Батериските системи ја преземаат електричната енергија кога производството од соларните електрани е високо, а ја враќаат во мрежата во периодите на зголемена побарувачка.
Во јули и август Бугарија остварила нето извоз од околу 830 гигават-часови електрична енергија месечно, што е повеќе од двојно над просекот во мај и јуни. Само во јули, Романија учествувала со речиси половина од извозот на електрична енергија од Бугарија, во вредност проценета на околу 74 милиони евра.
Експертот од Националниот технички универзитет во Атина, Ставрос Папатанасиу, за АФП оценува дека обемот и брзината на изградбата на системите за складирање во Бугарија се без преседан во европски контекст.
Значаен дел од проектите се реализираат на поранешни индустриски локации и аеродроми, како и во рамките на постоечки енергетски објекти, вклучително и поранешни термоелектрани на јаглен.
Пример е „Маришки Исток 3“, некогаш втората најголема термоелектрана на јаглен во Бугарија. Електраната значително го намали користењето јаглен во 2024 година, а постојната мрежна инфраструктура е искористена за изградба на батериски систем.
„Имавме можност да ја искористиме големата приклучна моќност кон мрежата. Одлучивме да исклучиме една единица на јаглен и да ги приклучиме батериите“, изјавил Васил Штонов, директор на британската компанија ContourGlobal за Бугарија, за АФП.
Според него, „јагленот е надвор, батеријата е внатре“, но истовремено смета дека земјата треба да задржи минимален резервен капацитет на термоелектраните на јаглен за случаи на екстремно студени зими или нарушувања во снабдувањето со гас.
Бугарското Министерство за енергетика соопшти дека овој месец земјата располага со околу 5,7 гигавати оперативен капацитет на батериски системи. Тоа, според моќност, е речиси една четвртина од вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија во Бугарија и повеќе од петпати над оперативниот батериски капацитет во соседна Романија.
Компаниите во Бугарија имаат склучено договори и за речиси 14 гигават-часови големи системи за складирање, од кои дел веќе се пуштени во работа.
Од Министерството посочуваат дека целта е складирањето да добие одржлива улога на пазарот, но додаваат дека развојот на батериите мора да оди паралелно со инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа.
Бугарија во 2025 година учествувала со околу 9% во новоинсталираните батериски капацитети во Европа и со околу 2% во новите соларни капацитети.
Претседателот на Бугарската асоцијација за производство, складирање и трговија со електрична енергија, Никола Газдов, смета дека брзиот развој на батериите е резултат на комбинација од повеќе фактори, наместо на однапред креирана стратегија.
„Сè се случи речиси случајно“, изјавил Газдов за АФП.
Брзиот раст на соларните и ветерните капацитети во регионот создава сè поголеми вишоци на електрична енергија во текот на денот, особено во Бугарија, каде што растот е силно концентриран во соларната енергија.
Еден од факторите што го олеснува развојот на батериите е и времето потребно за реализација. Според Газдов, големите батериски проекти во Бугарија можат да бидат изградени и пуштени во работа за девет до 18 месеци, што е значително пократко од времето потребно за изградба на повеќето соларни и ветерни електрани.
Сепак, батериското складирање има ограничувања. Прекуграничните интерконекции имаат ограничен преносен капацитет, а современите батерии најчесто можат да складираат електрична енергија од еден до шест часа, а во одредени случаи до осум часа.
Тоа значи дека батериите можат да помогнат при краткотрајни нарушувања на снабдувањето и да ја префрлат електричната енергија од периодите со ниска во периодите со висока побарувачка, но не можат целосно да го заменат нуклеарен реактор што престанува да работи поради недостиг на вода.
Дополнително, со зголемувањето на бројот на батериски системи може да се намали и разликата меѓу ниските и високите цени на електричната енергија, бидејќи повеќе оператори ќе купуваат електрична енергија во евтините часови и ќе ја продаваат во периодите на најголема побарувачка. Тоа би можело со текот на времето да влијае врз профитабилноста на самите системи за складирање.
Извор: Euronews.com
