Бругел: Русија профитираше од растот на цените на нафтата поради војната со Иран

Воениот конфликт меѓу Иран, САД и Израел ѝ донесе на Русија краткорочна финансиска корист преку повисоките цени на нафтата, но дополнителните приходи не се доволни за да ги ублажат буџетските притисоци предизвикани од војната во Украина, оценува Марек Дабровски, аналитичар во европскиот економски институт Бругел (Bruegel).

Во анализата се наведува дека по избувнувањето на конфликтот, цената на нафтата Брент нагло се зголемила – од 69 долари за барел на крајот на февруари на 112 долари во втората половина на март. Уште поголем раст забележала руската нафта Уралс, чија цена се искачила од 55 на 125 долари за барел на почетокот на април.

Во истиот период речиси целосно исчезнал попустот со кој руската нафта се продаваше поради западните санкции. Дури, во дел од март и април, цената на Уралс била повисока од цената на Брент. Сепак, по меморандумот за прекин на непријателствата меѓу САД и Иран во средината на јуни, цените повторно почнале да се намалуваат. На почетокот на јули Брент се тргувал за околу 72 долари, а Уралс за околу 51 долар за барел.

РЕКЛАМА

Според податоците на руското Министерство за финансии, приходите од нафта и гас значително се зголемиле во текот на март и април. Така, приходите од јаглеводороди пораснале од 393 милијарди рубљи во јануари на 855,6 милијарди рубљи во април, по што во мај и јуни благо се намалиле, следејќи го падот на цената на нафтата.

Анализата покажува дека дополнителните приходи што Русија ги остварила во периодот од март до јуни, како последица на повисоките цени на нафтата, изнесуваат околу 1.184 милијарди рубљи, односно приближно 13,5 милијарди евра. Тоа е еквивалентно на околу 0,5% од рускиот бруто-домашен производ.

Сепак, Дабровски укажува дека станува збор за привремен ефект. И покрај растот во последните месеци, вкупните приходи од нафта и гас во првата половина од годинава остануваат пониски отколку во истиот период лани, кога цената на руската нафта била повисока.

Покрај повисоките буџетски приходи, Русија забележала и одредени позитивни макроекономски движења. Меѓународниот монетарен фонд ја подобрил прогнозата за економскиот раст на земјата за 2026 година од 0,8 на 1,1%, рубљата зајакнала во однос на американскиот долар, инфлацијата се намалила на 5,3%, а Централната банка на Русија ја намалила основната каматна стапка на 14,25%.

Сепак, според аналитичарот на Бругел, овие придобивки не претставуваат суштинска промена на економската состојба. Повисоките приходи обезбедуваат ограничен дополнителен простор за финансирање на буџетот, но не можат да ги надоместат растечките трошоци што Русија ги има поради продолжувањето на војната во Украина.

Во заклучокот од анализата се наведува дека случувањата на Блискиот Исток уште еднаш потврдуваат колку глобалните енергетски пазари се чувствителни на геополитички кризи и дека конфликтите во еден регион можат да имаат значајни економски последици далеку надвор од нивните граници.

Извор: Bruegel.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил