Пад на цените на нафтата пред најавените нови американски санкции за Иран

Цените на нафтата денеска се намалија за повеќе од еден долар за барел, додека инвеститорите реализираа добивки пред очекуваното објавување на нови американски санкции за Иран, кои би можеле дополнително да влијаат врз снабдувањето со нафта од Блискиот Исток.

Цената на фјучерсите на нафтата „брент“ се намали за 1,23 долари, или 1,3%, на 93,16 долари за барел, додека американската нафта WTI поевтини за 1,36 долари, односно 1,6% , на 85,70 долари за барел.

И покрај денешниот пад, двата нафтени репери минатата недела забележаа раст од повеќе од 5%, што беше нивен втор последователен неделен раст.

РЕКЛАМА

Американскиот министер за финансии Скот Бесент најави дека Вашингтон денеска ќе соопшти нови санкции против Иран, при што предупреди дека тие би можеле да бидат „најстрогите санкции во историјата“. Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, се закани со санкции за земјите што тргуваат со Иран.

На пазарите дополнителна загриженост предизвикува застојот во разговорите меѓу САД и Иран, што веќе влијае врз транспортот на нафта низ Ормускиот теснец.

Аналитичарот за суровини во Commonwealth Bank of Australia, Вивек Дар, оцени дека сè уште не е јасно дали американската политика на економска изолација на Иран ќе биде ефикасна.

– Доколку американските мерки бидат успешни, ризикот Иран да одговори со зголемена ескалација станува сè поголем фактор за енергетските пазари, посочи Дар.

Иран ги осуди најавените американски санкции, додека иранскиот претседател Масуд Пезешкиан повика на дипломатско решение.

Во меѓувреме, понудите на иранска нафта за кинеските купувачи се намалуваат, а цените се зголемуваат, откако американската блокада го ограничи извозот од Иран.

Иран во саботата дозволи одреден број танкери со ирачка нафта да поминат низ Ормускиот теснец, по повеќекратните барања од Багдад, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Аналитичарите предупредуваат дека закрепнувањето на снабдувањето со нафта од Блискиот Исток може да потрае подолго од очекуваното доколку конфликтот меѓу САД и Иран продолжи.

Од Morgan Stanley посочуваат дека пазарот на сурова нафта се затегнува, при што количината на нафта што се наоѓа во транспорт е значително намалена во последните недели, додека опаѓаат и залихите на копно, вклучително и во Кина.

Според аналитичарите, намалувањето на понудата најмногу е поврзано со Блискиот Исток, каде што повеќе извори покажуваат дека извозот се вратил на нивоата од март и април.

Тоа, според нив, ги намалува очекувањата за брзо закрепнување на снабдувањето од регионот и го зголемува ризикот од нови ценовни движења на нафтениот пазар.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил