Брисел, 22 април 2026 – Европската комисија претстави нов пакет мерки под назив „AccelerateEU“, со цел да ги заштити граѓаните и компаниите од растечката енергетска криза предизвикана од зависноста на Европа од увезени фосилни горива, но и да го забрза преминот кон чиста и домашно произведена енергија.
Од Комисијата посочуваат дека по вторпат за помалку од пет години, европските граѓани ја плаќаат цената на зависноста од увоз на енергенси. По ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, Европската Унија потрошила дополнителни 24 милијарди евра за увоз на енергија поради повисоките цени, без притоа да добие дополнителни количини енергија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека одлуките што се носат денес ќе ја одредат способноста на Европа да се справи со сегашните и идните кризи.
„Мораме да го забрзаме преминот кон домашно произведена, чиста енергија. Тоа ќе ни донесе енергетска независност и сигурност, а Европа ќе биде поотпорна на геополитички потреси“, порача фон дер Лајен.
Координација меѓу земјите членки
Како дел од планот, Комисијата ќе обезбеди целосна координација меѓу земјите членки во однос на полнењето на подземните складишта за гас, можни ослободувања на нафтени резерви и обезбедување доволни количини дизел и авионско гориво.
Ќе биде формирана и нова Опсерваторија за горива, која ќе ги следи производството, увозот, извозот и залихите на транспортни горива во ЕУ, со цел навремено откривање на можни недостатоци на пазарот.
Помош за граѓаните и индустријата
Комисијата предлага и привремени мерки за заштита на потрошувачите и стопанството од ценовни шокови. Меѓу нив се:
- целна финансиска помош за ранливи категории граѓани,
- енергетски ваучери,
- намалување на акцизите за електрична енергија,
- програми за социјален лизинг,
- државна помош за најпогодените економски сектори.
Забрзана електрификација и обновливи извори
До летото, Европската комисија ќе претстави Акциски план за електрификација, со амбициозни цели за зголемување на употребата на електрична енергија во индустријата, транспортот и зградите.
Воедно, ќе се работи на проширување и модернизација на електроенергетските мрежи, како и на побрзо искористување на постојните капацитети за обновлива енергија, вклучувајќи ветерни паркови, хидроцентрали и офшор ветерни постројки.
Инвестиции од 660 милијарди евра годишно до 2030
Според проценките на Комисијата, за енергетската транзиција ќе бидат потребни околу 660 милијарди евра годишно до 2030 година. Дел од средствата веќе се достапни преку Фондот за закрепнување и отпорност, каде има 219 милијарди евра, како и преку кохезионите фондови.
Со цел мобилизирање на приватниот капитал, Комисијата во март 2026 година усвои Стратегија за инвестиции во чиста енергија, а наскоро ќе организира и Самит за инвестиции во чиста енергија.
Одлука на лидерите во Кипар
Планот „AccelerateEU“ е подготвен по барање на европските лидери од самитот на 19 март, а за него ќе се разговара на неформалниот состанок на Европскиот совет што ќе се одржи на 23 и 24 април во Кипар.
Извор: Европска Комисија
