Светскиот нафтен пазар влегува во една од најтурбулентните фази во последните децении, додека војната на Блискиот Исток и ограничениот проток низ Ормускиот Теснец создаваат сериозен глобален енергетски шок. Најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предупредува дека кризата веќе предизвикува остар пад на снабдувањето, огромни ценовни осцилации и драматично намалување на светските резерви на нафта.
Според анализата, светската побарувачка за нафта во 2026 година ќе се намали за 420 илјади барели дневно и ќе изнесува околу 104 милиони барели дневно. Тоа е значително под прогнозите направени пред почетокот на конфликтот, а најголемиот удар се очекува во вториот квартал од годината, кога побарувачката ќе падне за дури 2,45 милиони барели дневно.
Најпогодени се петрохемискиот сектор и авионскиот транспорт, каде високите цени на горивата, ограниченото снабдување и економската неизвесност веќе доведуваат до намалена активност. Аналитичарите предупредуваат дека ефектите постепено ќе се прелеваат и врз останатите индустрии, како и врз потрошувачката на домаќинствата.
Истовремено, глобалното производство на нафта бележи сериозен пад. Само во април производството е намалено за дополнителни 1,8 милиони барели дневно, а вкупните загуби од февруари досега достигнуваат 12,8 милиони барели дневно. Земјите од Персискиот Залив, кои традиционално претставуваат клучен извор на светското снабдување, произведуваат дури 14,4 милиони барели помалку во споредба со периодот пред избувнувањето на војната.
Главната причина е нарушениот транспорт низ Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта. Поради безбедносните ризици и ограничениот танкерски сообраќај, голем дел од извозот останува блокиран, создавајќи огромен притисок врз глобалниот пазар.
Меѓународната агенција за енергија проценува дека, дури и ако транспортот постепено се нормализира во текот на летото, светското снабдување во 2026 година ќе биде пониско за речиси четири милиони барели дневно во однос на претходните очекувања.
Кризата силно ги погоди и рафинериите ширум светот. Преработката на сурова нафта во вториот квартал се очекува да падне на најниско ниво во последните години, поради оштетена инфраструктура, ограничен пристап до сурова нафта и намален извоз. Сепак, профитните маржи остануваат исклучително високи, особено кај дизелот и авионското гориво, каде цените бележат рекордни скокови.
Во меѓувреме, светските резерви на нафта се празнат со рекордно темпо. Само во март и април глобалните залихи се намалиле за околу 250 милиони барели. Најголем пад е забележан кај резервите на развиените земји, кои се обидуваат да го ублажат ударот преку користење на стратешките резерви.
Пазарот реагира со екстремна нестабилност. Во текот на април цената на северноморската нафта се движеше во распон од речиси 50 долари по барел. Во еден момент достигна 144 долари, потоа падна под 100 долари, а моментално повторно се движи околу 110 долари за барел.
Причината за ваквите драматични осцилации се спротивставените сигнали околу можен договор меѓу САД и Иран за прекин на конфликтот и повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Иако дипломатските разговори продолжуваат, неизвесноста на пазарот останува исклучително висока.
Во обид да го ублажат ударот, дел од големите производители веќе ги пренасочуваат извозните рути. Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати користат алтернативни терминали надвор од Ормускиот Теснец, додека САД, Бразил, Канада и Казахстан значително го зголемуваат производството и извозот.
Дополнителен пресврт претставува и зголемениот руски извоз, откако нападите врз руските рафинерии ја намалија домашната потрошувачка, а Вашингтон привремено ги олесни санкциите за дел од руската нафта што се транспортира по море.
Најголемите азиски економии исто така реагираат со драстично намалување на увозот. Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Индија значително ги скратија нарачките на сурова нафта, што привремено го намалува притисокот врз пазарот, но истовремено сигнализира и забавување на индустриската активност.
ИЕА предупредува дека дури и во случај на постепена стабилизација на ситуацијата, глобалниот пазар ќе остане под сериозен притисок најмалку до крајот на годината. Со резерви што се топат со рекордно темпо и со геополитичка ситуација која останува неизвесна, аналитичарите очекуваат продолжување на ценовната нестабилност и можни нови шокови на енергетските пазари во наредните месеци.
Извор: IEA.org
