ЕВН Македонија официјално го стави во функција првиот батериски систем за складирање електрична енергија (Battery Energy Storage System – BESS), поставен во рамки на фотоволтаичната централа „Пробиштип“. Со инсталирана моќност од 10 мегавати и капацитет од 20 мегават-часови, станува збор за најголемиот лиценциран батериски систем во земјава, но и најголем ваков проект реализиран во рамки на целата ЕВН Групација.
На настанот по повод официјалното пуштање во употреба присуствуваа претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, членовите на Управниот одбор и менаџментот на компаниите од ЕВН Групацијата во Македонија, претставници на локалната самоуправа, академската заедница, како и партнерските компании кои учествуваа во реализацијата на проектот.
Од компанијата информираат дека новиот систем претставува важен чекор кон модернизација на домашниот енергетски сектор и зголемување на уделот на обновливите извори на енергија. Главната функција на батерискиот систем е складирање на електричната енергија произведена од сонцето во текот на денот и нејзино користење во периодите кога потрошувачката е најголема или кога производството од фотоволтаиците е намалено. На тој начин се овозможува поголема стабилност и флексибилност на електроенергетската мрежа, како и поефикасно искористување на произведената енергија.
Во своето обраќање, Волфганг Мајер истакна дека проектот претставува едно од најзначајните достигнувања на ЕВН Македонија во областа на обновливите извори на енергија. Тој најави дека компанијата веќе работи на проширување на капацитетот, при што сегашните 20 мегават-часови ќе бидат удвоени на 40 мегават-часови. Според него, дополнителната опрема е веќе испорачана и се наоѓа во фаза на инсталација.

Батерискиот систем е реализиран со современа LiFePO4 (LFP) технологија, која се смета за една од најбезбедните и најстабилните технологии за складирање енергија. Батериите се произведени од CATL, една од водечките светски компании во батериската индустрија, додека системот за конверзија на енергија е обезбеден од K Star. Според техничките спецификации, системот има работен век од околу 10 години, односно околу 10.000 циклуси на работа.
Целиот комплекс е составен од повеќе батериски и PCS контејнери поставени на површина од околу 580 квадратни метри. По интензивниот процес на подготовка, тестирање и реализација, проектот официјално добил лиценца за работа на 9 април 2026 година.
Со оваа инвестиција, ЕВН Македонија дополнително го зацврстува своето присуство во секторот на обновливи извори на енергија и испраќа порака дека складирањето електрична енергија ќе има сè поголема улога во идниот развој на енергетскиот систем во земјата.
Енергетика 24
