НАТО сè поотворено ги поддржува обновливите извори на енергија како клучен дел од идната енергетска и безбедносна стратегија на Алијансата, и покрај скепсата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп кон зелената транзиција и намалувањето на зависноста од фосилни горива.
Студија поддржана од НАТО, објавена на почетокот на годинава, препорачува земјите-членки значително да го зголемат користењето на обновливи извори на енергија како побезбедна и постабилна алтернатива на увозот на нафта и гас. Документот е изработен од НАТО Центарот за извонредност за енергетска безбедност со седиште во Вилнус, Литванија.
Иако Центарот нагласува дека анализата не претставува официјален став на целата Алијанса, претставник на НАТО за бриселското издание POLITICO потврдил дека чистите извори на енергија добиваат сè поголемо значење во безбедносното планирање.
„Со диверзификација на енергетските извори и рути, вклучително и преку користење алтернативни горива, не само што ја зголемуваме оперативната подготвеност и отпорност, туку и ја намалуваме зависноста од надворешни фактори“, соопштил претставникот на НАТО.
Новите геополитички тензии, особено војната со Иран и нарушувањата во Ормускиот теснец, дополнително ја отворија дебатата за ранливоста на државите што зависат од увоз на фосилни горива. Европа, која располага со ограничени сопствени резерви на нафта и гас, се смета за особено изложена на вакви ризици.
Во документот се наведува дека идните воени бази ќе мора да се потпираат на поодржливи и поефикасни извори на енергија. Досегашната зависност од дизел-генератори, иако сигурна, создава сериозни логистички проблеми и високи трошоци.
Истражувачите спровеле и симулации за идни НАТО-кампови, при што моделите базирани на обновливи извори покажале значително намалување на увозот на гориво, 20% поголема енергетска ефикасност и 35% повисока енергетска автономија.
Според анализата, комбинацијата од соларна и ветерна енергија би можела да стане едно од главните решенија за идните воени операции.
Во меѓувреме, дел од членките веќе тестираат алтернативни горива. Норвешка соопшти дека користела одржливо синтетичко авионско гориво за борбените авиони Ф-35, додека Франција уште во 2023 година тестираше вакво гориво на воен хеликоптер.
Од друга страна, ваквиот пристап е во директен судир со политиките на администрацијата на Трамп, која агресивно го промовира производството на нафта и гас под слоганот „drill, baby, drill“. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет претходно остро ги критикуваше климатските политики, оценувајќи дека армијата треба да се фокусира на воена моќ, а не на „климатски агенди“.
Во анализата се предупредува и дека зависноста од енергенси од ривалски држави може да се претвори во политичко оружје за време на конфликти. НАТО и Европската унија, според авторите, досега не успеале целосно да ги усогласат јавните, приватните и воените интереси за справување со идни енергетски кризи.
Војната во Украина дополнително ги потврди овие стравувања. Недостигот од дизел-гориво на фронтот доведе до рационализација на ресурсите, а украинскиот претседател Володимир Зеленски беше принуден да бара енергетски договори со земјите од Персискиот Залив во замена за украинска експертиза во производството на дронови.
Извор: Politico.eu
