Црна Гора: Ветерниот парк „Гвозд“ пуштен во пробна работа

Минатата недела, Црна Гора официјално го пушти во пробна работа ветерниот парк „Гвозд“, еден од најголемите енергетски проекти во поновата историја на земјата. Проектот, вреден 82 милиони евра, е реализиран преку кредитен аранжман со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Ветерниот парк се наоѓа на Крново, а според властите во Подгорица, неговиот капацитет изнесува 150 гигават-часови електрична енергија годишно, доволно за снабдување на околу 25.000 домаќинства.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека „Гвозд“ претставува темел на идниот економски развој и енергетска стабилност на земјата.

РЕКЛАМА

„Оваа ветерна електрана е најдобра потврда дека ЕПЦГ има капацитет и ресурси да реализира проекти од ваков обем, исклучиво во корист на државата и граѓаните“, порача Спајиќ.

Тој нагласи дека проектот нема да значи дополнителни субвенции за граѓаните, бидејќи електраната ќе работи според пазарни принципи и ќе остане во сопственост на државната електроенергетска компанија ЕПЦГ.

Според премиерот, „Гвозд“ ќе придонесе и за намалување на штетните емисии на ниво еквивалентно на загадувањето што го создаваат околу 60.000 автомобили.

Министерот за енергетика и рударство Адмир Шахмановиќ оцени дека пуштањето во работа на „Гвозд“ означува почеток на нова етапа во енергетскиот развој на Црна Гора.

„Ова не е само енергетски проект, туку симбол на нов развоен правец и доказ дека енергетската транзиција веќе се случува“, изјави Шахмановиќ.

Од државната енергетска компанија ЕПЦГ соопштија дека во последните четири години изградиле околу 150 мегавати нови производствени капацитети од обновливи извори на енергија, додека преку проектите за соларни панели кај домаќинствата веќе се инсталирани дополнителни 100 мегавати.

Претседателот на Општина Никшиќ, Марко Ковачевиќ, изјави дека градот со ваквите инвестиции постепено станува „енергетски центар на регионот“, покрај неодамнешното признание како Европска престолнина на културата за 2030 година.

Проектот го реализираше германската компанија Nordex, а на свеченоста присуствуваа претставници на ЕБОР, германската амбасада и енергетскиот сектор на Црна Гора.

Извор: Vijesti.me

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил