Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, повика Европа забрзано да се насочи кон обновливи извори на енергија, предупредувајќи дека зависноста од увоз на фосилни горива ја прави европската економија ранлива на глобални кризи и ценовни шокови.
Говорејќи на конференција на Европската централна банка за климатските промени, природата и монетарната политика во Франкфурт, Лагард истакна дека Европа увезува околу 60% од својата енергија, при што најголемиот дел се фосилни горива.
„Денешниот раст на цените на енергијата е потсетник за цената на таа зависност“, изјави Лагард, додавајќи дека обновливите извори претставуваат „најјасен пат“ за постигнување енергетска безбедност, одржливост и прифатливи цени.
Таа се повика на анализи на ЕЦБ според кои земјите што произведуваат поголем дел од електричната енергија од нефосилни извори, како Шпанија и Португалија, биле подобро заштитени од растот на цените на гасот.
Лагард предупреди и на економските последици од климатските промени. Според неа, екстремните временски услови можат сериозно да влијаат врз производството на храна и да предизвикаат раст на инфлацијата.
Како пример посочи минатогодишите високи температури во Европа, за кои проценките покажуваат дека придонеле цените на непреработената храна во еврозоната да се зголемат за околу 0,7 процентни поени во рок од една година.
„Истражувањата на ЕЦБ покажуваат дека четири години по суша или поплава, регионалното производство останува намалено во просек за околу три процентни поени“, рече Лагард.
Во меѓувреме, цените на нафтата и гасот нагло пораснаа на светските пазари поради војната со Иран, што дополнително ја засили инфлацијата во еврозоната. Во април инфлацијата достигна 3 проценти, значително над целта на ЕЦБ од 2 проценти, а аналитичарите очекуваат ново зголемување на каматните стапки во јуни.
Извор: Finance.yahoo.com
