Извршниот директор на Меѓународна агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека светот се соочува со најсериозната енергетска криза досега и дека агенцијата е подготвена за ново координирано ослободување на нафта од стратешките резерви, доколку состојбата дополнително се влоши.
Говорејќи на настан во Вашингтон, организиран од Atlantic Council во рамки на неделата на Меѓународнит монетарен фонд и Светската банка, Бирол изјави дека и покрај надежите дека нема да има потреба од нова интервенција, ИЕА е подготвена „веднаш да дејствува“.
Според него, тековниот конфликт на Блискиот Исток предизвикал загуба од околу 13 милиони барели нафта дневно, што ја прави оваа криза поголема од нафтените шокови во 1973 и 1979 година заедно. Дополнително, сериозно се нарушени и снабдувањата со природен гас и други критични суровини, додека нападите врз енергетската инфраструктура продолжуваат, вклучително и во Ормускиот теснец.
Бирол нагласи дека повеќе од 80 енергетски објекти, вклучувајќи нафтени полиња, рафинерии и терминали, се оштетени, од кои над една третина сериозно, што може да значи дека обновувањето на производството во регионот ќе трае до две години. Во такви услови, цените на нафтата веќе надминаа 100 долари за барел, но, како што оцени, тие сè уште не ја одразуваат целосно сериозноста на кризата.
ИЕА веќе спроведе рекордно ослободување од 426 милиони барели нафта во март, што краткорочно помогна да се стабилизира пазарот, но Бирол потенцира дека ваквите мерки не се трајно решение, туку само начин за ублажување на последиците. Организацијата и натаму располага со значителни резерви, но секоја нова одлука ќе бара координација меѓу нејзините 32 земји членки.
Тој предупреди дека кризата ќе има сериозни глобални економски последици, особено за земјите во развој зависни од увоз на енергија, со ризик од раст на инфлацијата и забавување на економиите. Посебно ранливи се држави како Ирак, но и низа азиски и европски економии кои се соочуваат со потенцијални недостиг и повисоки цени на горивата.
Во контекст на кризата, Бирол најави и заедничка иницијатива на ИЕА со ММФ и Светската банка за поддршка на најпогодените земји преку енергетски и економски политики, со цел да се ублажат последиците и да се зајакне отпорноста.
Како клучна поука, тој ја истакна потребата од диверзификација на енергетските извори, снабдувачите и транспортните рути, оценувајќи дека прекумерната зависност од еден извор или регион претставува сериозен ризик. Според него, кризата најверојатно ќе поттикне нов бран инвестиции во обновливи извори, нуклеарна енергија и енергетска ефикасност, но и ќе ја засили улогата на геополитиката во креирањето на идните енергетски политики.
Извор: Atlantic Council
