Бирол: Актуелната енергетска криза е потешка од нафтените шокови од 70-тите

ЛОНДОН – Тековната глобална енергетска криза е посериозна од нафтените шокови од 1973 и 1979 година, како и од гасната криза во 2022 година поврзана со војната во Украина, предупреди извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол.

Во обраќање во подкастот на Николај Танген, Бирол истакна дека глобалните загуби во снабдувањето моментално изнесуваат околу 12 милиони барели дневно, што е повеќе од двојно во однос на околу 5 милиони барели дневно за време на нафтените кризи во 70-тите години.

Тој посочи дека ситуацијата дополнително се влошува и кај природниот гас, нагласувајќи дека тековниот недостиг е поголем од падот од околу 75 милијарди кубни метри регистриран во 2022 година.

РЕКЛАМА

„Април ќе биде многу полош од март. Минатиот месец сè уште имаше одредени испораки на нафта и течен природен гас од Блискиот Исток, но во април – нема ништо“, изјави Бирол.

Според него, ИЕА веќе донела одлука да ослободи 400 милиони барели нафта од стратешките резерви, што претставува најголема интервенција досега. Сепак, тој предупреди дека оваа мерка има ограничен ефект.

„Ова само ја ублажува болката, но не нуди решение. Решението е повторно отворање на Ормускиот теснец“, нагласи Бирол, оценувајќи дека сите тековни мерки само купуваат време.

Кризата засега најсилно ја погодува Азија, но се очекува брзо да се прошири и во Европа и во другите региони. Најголем проблем, според ИЕА, претставува недостигот од авионско гориво и дизел, кој веќе е видлив на азиските пазари и најверојатно ќе се почувствува во Европа во текот на април или почетокот на мај.

Дополнителен притисок создава и пренасочувањето на азиските купувачи кон спот-пазарите за гас, каде традиционално се снабдува Европа, што ја зголемува конкуренцијата и ги турка цените нагоре.

Бирол предупреди дека порастот на цените на природниот гас директно ќе се прелее и врз цената на електричната енергија во Европа, бидејќи таа во голема мера се формира врз основа на граничниот трошок на гасот.

Извор: Shows.acast.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил