Брисел. 16 март 2026 – Министрите за енергетика на Европската Унија денеска ќе одржат состанок за да разгледаат можни мерки за ограничување на растот на цените на енергијата, откако војната со Иран предизвика силни потреси на светските пазари на нафта и гас.
Европската комисија подготвува итен пакет мерки со цел да се ублажи ударот врз потрошувачите и индустријата. Според европски претставници запознаени со разговорите, меѓу опциите што се разгледуваат се државна помош за компаниите, намалување на националните даноци за енергија и измени во системот за тргување со емисии на јаглерод диоксид за да се зголеми понудата на дозволи за CO₂.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Брисел размислува и за можноста за ограничување на цената на гасот.
Министрите ќе одржат разговори зад затворени врати за мерките што би можеле да го ублажат ценовниот шок, предизвикан од блокадата на Ормускиот теснец, клучна рута за глобалната трговија со течен природен гас.
Европа, која во голема мера зависи од увоз на нафта и гас, е особено чувствителна на глобалните ценовни шокови, а експертите предупредуваат дека брзо решение не постои.
„Постојат структурни причини зошто цените на енергијата во Европа се високи“, изјави Јоана Пандера, претседателка на полскиот тинк-тенк „Форум Енергија“. Таа додава дека различните енергетски системи и даночни политики во земјите членки значат дека цените значително варираат низ Унијата.
Од почетокот на конфликтот со Иран, европските референтни цени на гасот пораснале за повеќе од 50%.
Некои влади, меѓу кои и Италија, бараат поширока интервенција на ниво на ЕУ, како што е привремено суспендирање на европскиот систем за тргување со јаглеродни емисии, со цел да се намали влијанието на гасните електрани врз цените на струјата.
Други дипломати очекуваат Европската комисија да се фокусира на намалување на националните даноци или субвенции, оставајќи им на државите членки да преземат поголем дел од мерките.
Но ваквиот пристап може да ги зголеми економските разлики меѓу побогатите и посиромашните земји во Унијата, бидејќи не сите влади имаат финансиски капацитет за големи субвенции.
За време на енергетската криза во 2022 година, владите на ЕУ потрошија повеќе од 500 милијарди евра за поддршка на граѓаните и компаниите, од кои 158 милијарди евра дојдоа само од Германија, според податоци на тинк-тенкот „Бругел“.
Се очекува Урсула фон дер Лајен оваа недела да им достави на европските лидери листа со итни опции, пред нивниот самит во четврток.
На подолг рок, Брисел смета дека зголемувањето на домашното производство на чиста енергија од обновливи извори и нуклеарни централи е клучно за намалување на зависноста на Европа од нестабилниот увоз на фосилни горива.
Извор: Ројтерс
