Владата во Грција подготвува резервен „План Б“ за справување со можни нови ценовни шокови на енергетските пазари, врз основа на мерките што беа применети за време на енергетската криза во 2022 година, но приспособени на сегашните услови.
Глобалните пазари на енергенси и натаму се нестабилни, главно поради геополитичките тензии. Цената на нафтата брент на азиските берзи надмина 100 долари за барел, со раст од околу 9,5%. Ова се случува и покрај најавата на Меѓународната агенција за енергија дека ќе ослободи рекордни 400 милиони барели од стратешките резерви, од кои 172 милиони од САД. Аналитичарите сметаат дека ефектот од оваа мерка може да биде ограничен, бидејќи количината одговара на само четиридневно глобално производство.
Во Европа, Европската комисија сигнализираше дека, доколку цените останат високи, можно е повторно воведување субвенции за природен гас или поставување ценовен плафон.
Во такви околности, грчките власти ги разгледуваат сите мерки од периодот на кризата во 2022 година. Меѓу нив се субвенции за гориво („fuel pass“), субвенции за сметки за електрична енергија, данок на екстра-профит на енергетските компании, како и можност за дополнителни мерки доколку е потребно, пазарни ваучери за потрошувачка и додатоци за покривање на трошоците за живот. Целта, според владата, е овие инструменти да се поедностават и да се прилагодат на сегашните заштитни механизми во грчката економија.
Властите засега оценуваат дека ситуацијата е контролирана, иако цените остануваат високи. Природниот гас, кој кратко време достигна 68 евра за мегават-час, неодамна се стабилизира околу 52 евра, што сепак е за 62% повеќе од нивото од 32 евра регистрирано на 27 февруари.
Како дополнителна заштита, официјалните лица посочуваат и на капацитетите во грчкиот енергетски систем, вклучително и високите резерви на вода во хидроелектраните и значителниот раст на обновливите извори на енергија. Инсталираниот капацитет од обновливи извори надминува 17,5 гигавати, од кои 11,9 гигавати се соларни, а 5,58 гигавати ветерни електрани.
Во меѓувреме, од вчера во Грција на сила е тримесечен лимит на профитот од продажба на гориво. Маржата за нафтените компании е ограничена на пет центи по литар, а за бензинските станици на 12 центи, со цел да се спречат нагли поскапувања, особено на островите пред велигденските празници и туристичката сезона.
Рафинериите се изземени од оваа мерка, бидејќи владата оценува дека проблемот најмногу се појавува кај трговските компании, од кои дел се ќерки-фирми на рафинериите.
Цените на горивата во Грција значително пораснаа во првите десет дена од војната. Просечната цена на бензинот достигна 1,87 евра за литар (раст од 7%), дизелот 1,84 евра (раст од 17%), а мазутот за греење 1,42 евра (раст од 20%).
Во островските региони како Кикладите цените се и повисоки, во многу случаи близу или над 2 евра за литар, со разлики и над 20 центи над националниот просек.
Со нова министерска одлука ќе се дозволи и повисока профитна маржа за нафтените компании на островите, со цел да се компензираат трошоците за транспорт.
Извор: Energypress.eu
