КОЛУМНА: Дали најцрното сценарио за глобалната енергија е веќе тука?


Иранската криза се развива во свет во кој снабдувањето со нафта и гас е поразновидно отколку во претходните децении

Даниел Јергин

Светот можеби се соочува со најголемото нарушување на производството на нафта во историјата.

РЕКЛАМА

Корените на продлабочувањето на кризата во Персискиот Залив се враќаат сè до штрајковите на нафтените работници во Иран во есента 1978 година, клучен дел од протестите што само неколку месеци подоцна го соборија шахот. Нарушувањето на испораките од една од главните светски нафтени сили тогаш предизвика паника на глобалните пазари. Ситуацијата дополнително се влоши со консолидирањето на власта на Исламската Република, чиј револуционерен жар подразбираше и трајно непријателство кон Западот, особено кон САД.

Едно од наследствата на тој период е стравот од кошмарното сценарио: нафтата што тече низ Заливот да биде прекината поради долготрајна и разорна војна. Стравувањето е дека тоа би довело до експлозивен раст на цените на енергенсите, кој би ја турнал светската економија во длабока рецесија.

Откако започна војната со Иран пред една недела, Техеран прави сè за да го претвори токму тоа сценарио во реалност. Клучна точка е Ормускиот Теснец, едно од најважните поморски „тесни грла“ на планетата. Околу 20% од светската нафта вообичаено минува низ овој премин. Но значењето на теснецот не се ограничува само на нафта. Од 1997 година наваму, Персискиот Залив, пред сè Катар, стана и голем извор на течен природен гас (ЛНГ). Денес речиси 20% од светската трговија со ЛНГ исто така минува низ овие тесни води.

Вообичаено, во секој момент низ теснецот може да се видат и до 90 танкери. Сега речиси и да нема ниту еден. Осигурувањето за пловидба во регионот сè уште постои, но премиите за воен ризик драматично се зголемени. Неколку трговски бродови во Заливот, или непосредно надвор од Ормускиот Теснец, беа цел на напади со дронови. Заканата од напад со вооружени ирански брзи чамци и натаму виси во воздух.

Некогаш главните пазари за заливската нафта беа Европа и САД. Денес, во економска смисла, Ормускиот Теснец гледа кон Исток, што значи дека непосредната криза најсилно ја погодува Азија. Минатата година повеќе од 80% од нафтата и 90% од течниот природен гас што излегува од Заливот завршија на азиските пазари.

Но, тоа не значи дека сегашното нарушување е само азиски проблем. Глобалните пазари на нафта и гас веќе се борат со последиците. До петокот наутро, референтната цена на нафтата „Брент“ беше околу 50% повисока отколку пред почетокот на американското воено распоредување во Заливот. Во меѓувреме, азиските купувачи, лишени од катарските испораки, агресивно ја креваат цената на азискиот спот-пазар за да ги пренасочат, главно американските, ЛНГ товарите од Европа. Спот-цените на ЛНГ во Азија речиси се удвоија од почетокот на војната, додека цената на природниот гас во Европа порасна за околу 50%, создавајќи нов притисок врз европската економија.

Дополнително, Европа и Африка зависат од Персискиот Залив за значителен дел од своето авионско гориво. Колку подолго трае војната, толку поголем ќе биде притисокот врз цените. Недостатоците во Азија наскоро ќе се почувствуваат и на бензинските пумпи во Северна Америка.

Пловидбата низ Ормускиот Теснец засега е запрена. Но најтешкото сценарио би било сериозно оштетување на инфраструктурата и долготрајно затворање на теснецот. Тоа би ги засилило стравувањата од подолгорочен недостиг на снабдување.

Сепак, оваа криза се одвива во свет во кој глобалниот систем за нафта и гас е поотпорен и поразновиден отколку во последните неколку децении. Иран некогаш беше еден од клучните снабдувачи со нафта во светот. Денес тоа веќе не е случај. Неговиот извоз, ограничен од санкции, изнесува помалку од 2% од глобалната понуда, и најголемиот дел оди кон Кина, по намалени цени.

Слична трансформација се случи и во Венецуела. Некогаш ѕвезда на светската нафтена индустрија и еден од основачите на ОПЕК, денес таа тешко може да се нарече дури и „петродржава“. Произведува помалку нафта од американската држава Северна Дакота и само четвртина од количината што ја произведува соседен Бразил.

Но најголемата промена се случи во САД. Пред помалку од две децении тие беа најголемиот увозник на нафта во светот. Денес се најголемиот производител. Пред само десет години САД го извезоа својот прв товар течен природен гас. Денес се најголемиот светски извозник на ЛНГ.

Русија, и покрај санкциите и ограничувањата на цените, и натаму е значаен извозник на нафта. Но новите американски испораки се покажаа како пресудни кога Владимир Путин се обиде да го искористи „енергетското оружје“, прекинувајќи ги испораките на природен гас кон Европа. Неговата намера беше да предизвика доволно економска болка за да ја распадне коалицијата што ја поддржува Украина. Обидот не успеа. Една од причините беше токму тоа што американскиот ЛНГ можеше да замени значителен дел од прекинатиот руски гас. Севкупно, револуцијата на шкрилците донесе нова стабилност на глобалните пазари.

Отпорноста има и други облици. Кина во изминатите години складираше огромни количества нафта и сега може да црпи од тие резерви, а земјите членки на Меѓународната агенција за енергија одржуваат сопствени стратешки резерви. Оваа криза уште еднаш потсетува колку е важна енергетската безбедност и колку тесно е поврзана со националната безбедност.

Постојат и инфраструктурни решенија. Земјите од Заливот одамна знаат дека Ормускиот Теснец претставува голем ризик. Саудиска Арабија разумно изгради мрежа од нафтоводи што одат од исток кон запад, од Персискиот Залив до Црвеното Море. Абу Даби изгради помал нафтовод што тече паралелно со теснецот.

Сегашните цени на нафтата, кои се движат околу 90 долари за барел, се далеку од најлошото можно сценарио. Но во моментов светот се соочува со потенцијално најголемото нарушување на производството на нафта во историјата, како и со силен шок на глобалните пазари на гас.

Клучното прашање за светските енергетски пазари сега е едно: колку долго ќе трае оваа експлозивна војна.


Даниел Јергин е американски енергетски аналитичар, економист и историчар, еден од најпознатите светски експерти за нафтената и гасната индустрија. Тој е потпретседател на компанијата S&P Global и автор на повеќе влијателни книги за енергетиката, меѓу кои и „The Prize: The Epic Quest for Oil, Money and Power“, која ја дoби Пулицеровата награда.

Извор: The Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил