Колку високо можат да се искачат цените на нафтата и гасот поради војната со Иран? Еве ги можните сценарија

Глобалниот пазар на нафта се соочува со најлошо можно сценарио додека војната меѓу САД и Иран го зафаќа Блискиот Исток, без јасен излез од конфликтот, што го зголемува ризикот од долготраен прекин во снабдувањето и потенцијално забавување на светската економија.

Танкерскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, најважната светска „тесна грло“ точка за транспорт на нафта е речиси запрен, откако сопствениците на бродови презедоа претпазливи мерки. Околу една третина од вкупниот светски извоз на нафта по морски пат во 2025 година поминувал низ овој теснец, според податоците на енергетската консултантска компанија Kpler.

Исламската Република ги прошири своите одмазднички напади и врз енергетски објекти во регионот. Катар во понеделникот го запре производството на течен природен гас, откако две беспилотни летала погодија клучни постројки. Околу 20% од глобалниот извоз на ЛНГ доаѓа од Заливот, главно од Катар, и минува низ Ормускиот теснец.

РЕКЛАМА

„Нашето основно сценарио поаѓаше од проценката дека драстичен прекин во снабдувањето е малку веројатен. Таа претпоставка повеќе не важи“, изјави Наташа Канева, раководителка на истражувањата за глобални суровини во JPMorgan Chase, во белешка до клиентите.

Според неа, војната веќе доведе до првиот речиси целосен прекин на пловидбата низ теснецот во модерната историја.

Цените на суровата нафта пораснаа за повеќе од 5% во понеделникот, откако претходно во текот на денот скокнаа над 12%. Европските фјучерси на природен гас пораснаа за повеќе од 40%. Цените би можеле дополнително да се зголемат во зависност од времетраењето на војната и од тоа дали Иран ќе ги таргетира енергетските инфраструктури во Персискиот Залив.

Возачите во САД најверојатно ќе почнат да чувствуваат повисоки цени на бензинот уште денес или утре, изјави Патрик Де Хаан од GasBuddy. Според неговите проценки, во текот на следната недела може да се очекува зголемување од 10 до 30 центи по галон.

Сценарија за цените на нафтата и гасот

Цената на „Брент“ би можела да надмине 100 долари за барел, а европските цени на природниот гас да ја надминат границата од 60 евра по мегават-час, доколку режимот во Техеран заземе тврд став и нападне соседни енергетски постројки, смета Франциско Бланш, стратег за суровини во Bank of America. Подолготраен прекин во Ормускиот теснец би можел да ја зголеми цената на „Брент“ за дополнителни 40 до 80 долари по барел.

Војна што би траела повеќе од три недели би ги исцрпела складишните капацитети на земјите од Заливот, бидејќи барелите би се акумулирале без можност за извоз, што би ги принудило да го запрат производството, предупредува Канева. Во такво сценарио, „Брент“, глобалниот репер за цените на нафтата – би можел да достигне 120 долари за барел.

Претседателот Доналд Трамп изјави во понеделникот дека војната најверојатно ќе трае до пет недели, но ќе продолжи онолку колку што е потребно за да се исполнат целите на САД. Претходно, Белата куќа соопшти дека Иран ги игнорирал американските предупредувања да се откаже од напорите за обновување на својата нуклеарна програма по минатогодишните американски напади, како и дека развива балистички ракетен систем што би ја „заштитил нивната нуклеарна програма“.

Цената на „Брент“ би можела да се доближи и до 200 долари за барел доколку Иран успее целосно да го затвори Ормускиот теснец со поставување мини, противбродски ракети и друго оружје, наведува Мајкл Хсуе, аналитичар во Deutsche Bank.

100 долари за барел

Последен пат цената на нафтата достигна 100 долари за барел по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Цените на бензинот во САД тогаш достигнаа национален просек од рекордни 5,01 долари по галон во јуни, според податоците на автомобилистичката организација AAA.

Колапсот на Исламската Република, исто така, би претставувал сериозен ризик за снабдувањето со нафта, предупредува Канева. САД и Израел викендов го ликвидираа иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи. Режимот во Техеран се соочи со масовни протести во јануари, кои беа брутално задушени со илјадници жртви.

„Главниот ризик останува институционален распад и можност за граѓанска војна, во услови на изразена внатрешна поларизација и зголемени етнички тензии“, наведува Канева.

Во такво сценарио, иранското производство од повеќе од три милиони барели дневно би било доведено во прашање. Историски, цените на нафтата скокаат за повеќе од 70% кога доаѓа до промена на режим во голем производител.

Нафта од 60–70 долари?

Доколку непријателствата завршат брзо, цените би можеле повторно да се вратат во опсег од 60 до 70 долари за барел, смета Бланш.

„Ако непријателствата завршат за неколку дена под новото раководство, тензиите може да имаат само ограничено и краткорочно влијание врз пазарот на нафта“, наведува тој.

Сепак, сигналите од двете страни укажуваат дека позициите се зацврстени. Иранскиот безбедносен функционер Али Лариџани ги отфрли можностите за преговори со САД, оценувајќи дека заедничкиот американско-израелски напад ја вовлекол целата регија во непотребна војна.

„Нема да преговараме со Соединетите Држави“, порача тој во објава на социјалните мрежи.

Извор: CNBC.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил