Со неколку мали, но паметни промени во поставките на телевизорот, домаќинствата можат забележливо да ја намалат потрошувачката на електрична енергија – без компромис во квалитетот на сликата или звукот.
Иако современите телевизори се значително поефикасни од оние произведени пред десетина години, тие и натаму претставуваат стабилен потрошувач на струја. Според податоци на Perch Energy, постар телевизор во просек создава годишен трошок од околу 54 долари (45 евра), додека поновите LED и OLED модели трошат приближно 32 долари (27 евра) годишно.
Големината на екранот директно влијае врз потрошувачката – поголем екран значи и поголема потрошувачка. Сепак, експертите посочуваат пет клучни поставки со кои може значително да се заштеди енергија:
1. Намалете ја осветленоста
Прекумерната осветленост ја зголемува потрошувачката без реално подобрување на сликата. Режимите „Eco“ или „Movie“ обезбедуваат поприродна слика и помала потрошувачка на струја.
2. Вклучете тајмер за автоматско исклучување
Оставањето на телевизорот вклучен додека спиете води до непотребна потрошувачка. Тајмерот овозможува уредот автоматски да се исклучи по одредено време на неактивност.
3. Исклучете го екранот при слушање музика
Кога телевизорот се користи само како аудио-уред, сликата е излишна. Исклучувањето на екранот или драстичното намалување на осветленоста веднаш ја намалува потрошувачката.
4. Исклучете го телевизорот целосно
Режимот на подготвеност (standby) сè уште троши електрична енергија. Продолжен кабел со прекинувач овозможува целосно исклучување и на телевизорот и на дополнителните уреди.
5. Прилагодете го квалитетот на сликата на реалните потреби
OLED телевизорите се поефикасни, но високи резолуции како 4K бараат повеќе енергија. Оптималниот избор на резолуција и поставки зависи од тоа како и колку често гледате телевизија.
Експертите потсетуваат дека при купување нов телевизор вреди да се обрне внимание на енергетските ознаки и ENERGY STAR сертификатите. Оценките се движат од А до Г, при што кај паметните телевизори и категориите Д или Е се сметаат за високо енергетски ефикасни, а разликата во цената најчесто брзо се надоместува преку пониски сметки за струја.
Енергетика 24
