Мерц: Затворањето на нуклеарните централи беше огромна стратешка грешка

Одлуката на Германија целосно да ги затвори нуклеарните електрани била „огромна грешка“ што имала висока цена за економијата, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во обраќање минатата недела, пред Германската стопанска и индустриска комора во Десау.

Неговите изјави повторно ја отворија дебатата за долгорочната енергетска стратегија на земјата и недостигот од капацитети за производство на електрична енергија.

„Беше сериозна стратешка грешка постепено да се напушти нуклеарната енергија. Ние едноставно немаме доволно капацитети за производство на енергија“, рече Мерц.

РЕКЛАМА

Тој предупреди дека германскиот енергетски систем денес зависи од државни интервенции за да се одржат прифатливи цени. „За повторно да имаме прифатливи пазарни цени, би морале трајно да ги субвенционираме од федералниот буџет, а тоа не е одржливо на долг рок“, изјави канцеларот.

Германија го забрза излезот од нуклеарната енергија по катастрофата во Фукушима во 2011 година, кога владата на тогашната канцеларка Ангела Меркел ја интензивираше политиката за напуштање на атомската енергија, со цел намалување на ризиците и забрзување на енергетската транзиција кон обновливи извори.

Во текот на 2010-тите години, Германија постепено ги гасеше нуклеарните реактори, а процесот заврши во април 2023 година со трајното исклучување на последните три централи, Изар 2, Емсланд и Некарвестхајм 2, со што беше ставен крај на околу 60 години нуклеарно производство на електрична енергија.

Затворањето се случи во услови на европска енергетска криза по руската инвазија врз Украина. Иако се отвори дебата за улогата на нуклеарната енергија во енергетската безбедност, работниот век на реакторите беше продолжен за само три месеци.

Мерц смета дека барем последниот нуклеарен капацитет требало да остане во функција. „Ако веќе се одлучивме на тоа, требаше барем да ги задржиме последните централи во мрежата пред три години“, рече тој.

Иако канцеларот критикува, повторното активирање на веќе затворените реактори се смета за речиси невозможна опција. Според специјализираниот портал Clean Energy Wire, реакторите се целосно испразнети од гориво, безбедносните системи се демонтирани, а клучни делови деградираат без одржување, што би значело скапа и сложена обнова.

Дополнителна пречка се и регулаторните правила, бидејќи дозволите за работа се трајно поништени, а евентуално рестартирање би барало нови одобренија, целосни безбедносни проверки и усогласување со современи стандарди. Јавното противење кон нуклеарната енергија во Германија останува силно.

Светската нуклеарна асоцијација проценува дека трошоците за рестартирање би изнесувале стотици милиони, па и милијарди евра, што ја прави оваа опција економски неатрактивна, особено во услови на големи инвестиции во обновливи извори и увоз на електрична енергија.

Додека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Мерц предлага да се испита можноста за техничка реактивација на најново затворените реактори и поддржува напредни нуклеарни технологии, Зелените остануваат цврсто против и го сметаат излезот од нуклеарната енергија за неповратен. Алтернативата за Германија (АфД), пак, е меѓу најгласните поддржувачи на враќање или проширување на нуклеарниот капацитет.

Извор: Brusselssignal.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба