Енергетскиот сектор во Македонија влезе во фаза на длабока и системска трансформација, со јасна законска рамка, конкретни проекти и најавен силен инвестициски циклус, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за BiznisVesti.mk.
Според неа, 2025 година претставува пресвртница за македонската енергетика, бидејќи за првпат државата воспоставува институционален и дисциплиниран пристап кон планирањето и развојот на секторот.
„Енергетиката повеќе не е список на желби, туку систем со јасни правила, конкретни проекти и одговорност. Новиот Закон за енергетика ја постави правната основа за модерна, европска енергетика и го помести фокусот од декларативни цели кон практична имплементација“, вели Божиновска.
Прв годишен план со конкретни проекти
Клучен исчекор е усвојувањето на Планот за изградба на енергетски објекти за 2025 година, прв ваков документ во земјата. Во Планот се опфатени 481 енергетски објект со вкупна инсталирана моќност од 1.265,89 MW, при што најголем дел се фотоволтаични капацитети, а за првпат се планира и изградба на капацитети за складирање електрична енергија.
„Проектите се избрани според зрелоста, подготвеноста за реализација, капацитетот на системот да ги интегрира и јавниот интерес. Ова е практична мапа за тоа што реално може да се гради“, истакнува министерката.
Вкупните инвестиции во проектите што се веќе во подготовка или во реализација се проценуваат на над 1,35 милијарди евра, што, според Божиновска, е силен сигнал за довербата на инвеститорите и стабилноста на секторот.
ОИЕ не се доволни без мрежа и складирање
Божиновска нагласува дека енергетската транзиција не може да се сведe само на зголемување на производството од обновливи извори.
„Без стабилна, модерна и дигитализирана мрежа, како и без флексибилни капацитети за складирање, растот на сончевата и ветерната енергија не може да биде одржлив. Затоа паралелно инвестираме и во инфраструктурата“, посочува таа.
Закон што ја зајакнува енергетската безбедност
Новата законска рамка, според министерката, носи придобивки и за инвеститорите, и за државата, и за граѓаните. Таа обезбедува појасни правила, функционален пазар, подобро day-ahead и intraday тргување и поголема регионална интеграција, со што се намалува ранливоста од ценовни шокови.
За граѓаните, важна е и зајакнатата улога на потрошувачите преку можности за „просумери“, енергетски заедници и вградена социјална заштита за ранливите категории.
Домашно производство наместо зависност од увоз
Иако фотоволтаиците бележат најголем раст, Божиновска потенцира дека енергетската независност се гради со диверзифициран систем.
„Со сегашното темпо на инвестиции и модернизација, во период од седум до десет години можеме во најголем дел од годината да ги покриваме потребите од сопствено производство. Независноста не значи целосен прекин на увозот, туку контрола и стабилност“, вели таа за BiznisVesti.mk.
Три приоритети за 2026 година
Како клучни приоритети за 2026 година, министерката ги издвојува:
- старт на батериски енергетски систем на ЕСМ од околу 300 MWh,
- интензивирање на изградбата на гасниот интерконектор со Грција,
- забрзување на подготовките за гасна поврзаност со Србија.
Паралелно, таа најави и откочување на два долгогодишно заглавени стратешки проекта, продуктоводот на НОМАГАС и електроенергетската интерконекција со Албанија, кои наскоро ќе влезат во фаза на целосна реализација.
„Ова се темелите за поотпорен, стабилен и економски одржлив енергетски систем“, заклучува Божиновска.
Енергетика 24
