За гасни електрани во Црна Гора потребни од 233 до 362 милиони евра

Електропривреда на Црна Гора (ЕПЦГ) официјално ја презеде студијата за изводливост за изградба на гасни електрани во земјата, со која се анализирани можностите за изградба на капацитети од 50 до 400 мегавати на повеќе локации, Бар, Подгорица, Пљевља и Никшиќ.

Студијата, изработена од консултантската куќа SS&A Power Consultancy, покажува дека сите разгледувани варијанти се технички изводливи и економски исплатливи. Проценетата вредност на инвестициите се движи од 233 до 362 милиони евра, во зависност од инсталираната моќност и начинот на обезбедување на природен гас.

Од ЕПЦГ за весникот Vijesti изјавија дека понатамошниот развој на проектот првенствено зависи од обезбедувањето стабилен извор на гас, како и од одлуките што ќе се носат во соработка со Владата и Министерството за енергетика. Проектот се разгледува во рамки на пошироката државна енергетска стратегија и неодамна потпишаниот Меморандум за соработка со јапонската компанија JERA, кој предвидува изработка на посебна студија за ЛНГ-терминал и гасна термоелектрана во Црна Гора.

РЕКЛАМА

Студијата опфаќа неколку сценарија, меѓу кои хибридна електрана на гас од најмалку 50 MW во близина на пристаништето Бар, комбинирана гасна електрана од најмалку 150 MW кај индустрискиот комплекс КАП, како и електрана на гас до 200 MW во Пљевља. Анализирани се и капацитети од 75, 200 и 400 MW, со примена на современи гасни турбини.

Како клучен предуслов за реализација на проектите се наведува обезбедувањето на гас. Според ЕПЦГ, разгледани се повеќе опции, од потенцијални наоѓалишта во подморјето, преку увоз на гас преку Србија, ЛНГ-опција во пристаништето Бар, до Јадранско-јонскиот гасовод. Сите анализирани варијанти се покажале како исплатливи во референтното сценарио.

Конечните одлуки за користењето на гасот во енергетскиот сектор ќе се носат во координација со Владата на Црна Гора и надлежното Министерство за енергетика и рударство, соопштија од ЕПЦГ.

Извор: Biznis.me

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба