Италија од 1 февруари 2026 година ќе влезе во фаза на консолидација на новата регулаторна рамка за управување со електроенергетскиот систем, позната како TIDE, која ќе трае до 2028 година. Мерката е дел од пошироките напори за зајакнување на безбедноста на системот и усогласување на италијанскиот пазар на електрична енергија со европските правила.
Привремената верзија на TIDE е во примена од почетокот на 2025 година и означи премин од единствена национална цена на електричната енергија (Pun) кон зонско формирање цени. Во овој преоден период, тргувањето се одвива по зонски цени, додека пазарниот оператор GME пресметува индекс Pun како пондериран просек. Учесниците на пазарот добиваат финансиска компензација за разликата меѓу зонската цена и Pun, со што порамнувањето фактички останува на нивото на националната цена.
Како дел од реформите, Италија го скрати временскиот интервал за балансирање од еден час на 15 минути, со цел подобра интеграција на обновливите извори на енергија и усогласување со другите европски пазари. Промената стапи во сила за интрадеј балансирачките аукции од 1 јануари, а за пазарот „ден однапред“ од 1 октомври.
Новата рамка овозможува учество на недиспечирачки обновливи извори, како соларните и ветерните електрани, на пазарот за балансирање, како и агрегирање на различни ресурси. Со тоа се отвора пазарот и за мали производители, потрошувачи, енергетски заедници и виртуелно агрегирани единици. Агрегацијата може да се врши на зонско или нодално ниво, односно на ниво на поединечни точки во преносната мрежа.
Обновливите капацитети поддржани преку шемата Fer-X со договори за разлика се обврзани да учествуваат на пазарот за балансирање. Во првата Fer-X аукција беа доделени 7,7 GW соларни фотонапонски капацитети од понудени 8 GW, како и 940 MW ветерни електрани од расположливи 2,5 GW. Во втората аукција беа доделени 1,1 GW нови соларни капацитети во рамки на 88 проекти.
Сепак, експертите не очекуваат пошироко учество на обновливите извори уште во февруари, при што поголемите електрани, најчесто термални, и натаму ќе доминираат на пазарот за балансирање. Тоа значи дека на краток рок не се очекуваат суштински промени во начинот на управување со системот.
Иако растечкото учество на обновливите извори претставува структурна промена со потенцијал да влијае врз управувањето со системот преку побрза модулација и дополнителни услуги, пазарните учесници оценуваат дека ефектите ќе бидат ограничени во блиска иднина поради техничките ограничувања на многу електрани.
Дел од трговците очекуваат ценовни ефекти подоцна во годината, особено во вториот квартал, кога комбинацијата од новите правила и зголеменото производство од обновливи извори може да доведе до пониски просечни цени и почеста појава на нулти цени, што би имало значително влијание врз цените на дебаланс.
Дополнително, рамката TIDE воведува две нови улоги – давател на балансирачки услуги (BSP) и одговорна страна за баланс (BRP), кои го заменуваат досегашниот модел со единствен оператор. BSP ќе обезбедуваат услуги за операторот на преносниот систем Terna, додека BRP ќе бидат одговорни за усогласување на планираните позиции со реалната потрошувачка и производство.
Во согласност со европските правила, пазарниот оператор GME од 14 јануари ги скратува роковите за прекугранично интрадеј тргување и номинации за 30 минути. Тргувањето ќе се затвора 30 минути пред испорака, што според пазарните учесници ќе ја концентрира ликвидноста поблиску до крајниот рок и ќе овозможи попрецизни корекции врз основа на најновите прогнози.
Италија на 25 ноември повторно се приклучи на европската платформа Picasso за автоматска регулација на фреквенцијата, откако во март 2024 година се повлече поради изразена ценовна нестабилност. По измената на алгоритмот за формирање цени, не се регистрирани нови ценовни аномалии.
Извор: Argusmedia.com
