Скопје. 22 декември 2025 – Нема да има енергетска криза, бидејќи државата располага со доволни резерви на мазут, изјави денеска министерката за енергетика Сања Божиновска. Таа информира дека барањето на ЕСМ за прогласување кризна состојба ќе се разгледува на утрешната седница на Владата.
Одговарајќи на новинарски прашања по денешниот брифинг, Божиновска појасни дека државните резерви, доколку е потребно, ќе бидат искористени за снабдување на ЕСМ со мазут.
„ЕСМ достави писмо до Владата и тоа ќе биде разгледано утре. Сакам јасно да кажам дека нема да има никаква криза и дека за граѓаните тоа нема да значи ништо. Поради протестите во Грција и отежнатата набавка што трае повеќе од 30 дена, државата ќе ги активира резервите на мазут и со тоа ќе се обезбеди непречено снабдување“, истакна Божиновска, додавајќи дека нема да има влијание врз енергетскиот систем.
Во однос на инвестициите, министерката соопшти дека Годишниот план за 2025 година предвидува изградба на енергетски објекти со вкупна инсталирана моќност од 1.265 мегавати, со вкупна вредност од околу 1,4 милијарди евра.
Од вкупната планирана моќност, 15 мегавати се од хидроцентрали, 812 мегавати од фотоволтаични централи, 426 мегавати од ветерни електрани и 11 мегавати од капацитети на биомаса.
„Во финална фаза е прегледувањето на целокупната документација. Првпат во плановите имаме и интегрирани и изолирани складишта за електрична енергија. Изолираните складишта се со капацитет од 675 мегавати, додека интегрираните се 93 мегавати“, нагласи Божиновска.
Таа информира и дека е донесен Правилникот за изградба на енергетски објекти, кој ќе биде обврзувачки за сите инвеститори. Во него детално се утврдени условите и документацијата што мора да ја достави секој потенцијален инвеститор, вклучително и задолжителна физибилити-студија, без разлика за каков тип на објект станува збор.
За 2026 година, до Министерството веќе се пристигнати барања за изградба на енергетски капацитети со вкупна моќност од 10.950 мегавати. Од нив, 1.697 мегавати се планирани за ветерни централи, 4.758 мегавати за фотоволтаици, една гасна централа од 21 мегават и една гасна когенеративна централа. Поднесени се и барања за 2.573 мегавати самостојни складишта, како и за 1.405 мегавати интегрирани складишта.
„Ова е навистина сериозна бројка и јасно е дека МЕПСО ќе треба да изработи соодветен план, бидејќи електроенергетската мрежа мора значително да се зајакне“, истакна министерката.
Божиновска додаде дека владиниот план треба да биде усвоен до 31 јануари 2026 година, а во меѓувреме ќе се врши детална оцена на тоа дали доставената документација за сите планирани енергетски објекти е комплетна и усогласена со правилниците.
Во делот на законската регулатива, таа најави дека Законот за обновливи извори на енергија се очекува да биде донесен во првиот квартал од следната година.
Во меѓувреме, Божиновска информира и за тековните инфраструктурни проекти, при што повтори дека до крајот на неделава се очекува МЕПСО да го финализира изборот на фирмата за изградба на далекуводот со Албанија и да го потпише договорот. „Сè е завршено, се чека само на официјалниот потпис“, рече министерката.
Таа потсети и дека поврзувањето на енергетските пазари е планирано за 2027 година, додека во 2026 година ниту една земја членка на Енергетската заедница нема да има споени енергетски пазари.
Покрај ова, министерката информира и дека „Номагас“ има нов директор, како и дека потпишаниот договор е со времетраење од 22 месеца.
„Работиме сè да биде согласно планот. Остваривме и билатерална средба во Србија, каде што разговаравме за гасното поврзување Србија – Македонија. Станува збор за делница од 23 километри и ќе настапиме заеднички, со можност за финансирање од Светска банка. Очекуваме проектот да биде завршен до крајот на 2027 година, со транзитна линија Грција – Македонија – Србија“, рече министерката.
Енеергетика 24
