Брзото ширење на ветерните и соларните капацитети во Европа создава нов и растечки ризик за стабилноста на електроенергетските мрежи – периоди на „преголемо производство“ кои предизвикуваат ценовни шокови, нарушувања и итни интервенции. Ова е главната порака од најновиот извештај на Европската мрежа на оператори на преносните системи за електрична енергија (ENTSO-E).
Во документот „Флексибилност од обновливи извори на енергија“ се предупредува дека забрзаното постигнување на европските цели за 2030 година, односно удел од 42,5% до 45% обновливи извори во конечната потрошувачка, води кон сè поголем јаз меѓу понудата и побарувачката. Во сончеви или ветровити денови, особено за викенди и празници, производството од обновливи извори сè почесто ја надминува побарувачката, туркајќи ги цените во длабоко негативни вредности.
ENTSO-E прогнозира дека до 2030 година земји како Холандија, Германија, Шпанија и Грција ќе располагаат со повремени капацитети што значително ја надминуваат нивната врвна побарувачка, а во некои случаи дури и десет пати повеќе од минималното оптоварување. „Ова не е теоретски ризик“, наведува извештајот. „Овие ефекти веќе се случуваат.“
Последиците се веќе видливи. Во Белгија, во април 2024 година, погрешна прогноза за сончева енергија предизвика дисбаланс од 2 гигавати, што доведе до итно ограничување на ветерното производство и прекугранично споделување резерви. Цените на дебаланс достигнаа рекордни -4.574,64 евра за MWh. Во Германија, во јули 2023 година, дневните цени за првпат паднаа на долната пазарна граница од -500 евра за MWh, но значителен дел од ветерните и соларните постројки продолжија да произведуваат и покрај јасниот финансиски сигнал за исклучување. Слични интервенции беа забележани и во Полска и Грција.
Коренот на проблемот, според ENTSO-Е, лежи во застарените системи на поддршка и ограничената контролабилност. Многу обновливи постројки, особено малите соларни системи, работат под фиксни тарифи или нето-метаринг, што им гарантира приходи дури и при негативни цени, па затоа немаат мотив да го намалат производството. Дополнително, значителен дел од децентрализираните капацитети не се видливи за операторите и не можат да се контролираат далечински.
Извештајот предлага три решенија: подобра видливост преку забрзано воведување паметни броила, стандардизација на контролни интерфејси за да се управува и со помали постројки, како и реформа на субвенциите што ќе ги изложи сите производители на вистински пазарни сигнали. Како позитивен пример се наведува Шпанија, каде системскиот оператор има можност да следи и контролира единици од само 1 MW, а автоматизираниот систем за намалување на моќност успешно интегрирал над 4.600 GWh енергија од 2022 година што инаку би била ограничена.
„Интеграцијата на обновливите извори никогаш не била поважна,“ се наведува во заклучокот. „Но таа бара флексибилност.“ ENTSO-Е ги повикува креаторите на политики, регулаторите и енергетските компании итно да ги модернизираат правилата и мрежните кодови за да се избегнат чести идни дисбаланси кои би можеле да го поткопаат процесот на декарбонизација.
Извор: Entsoe.eu
