Скопје. 30 октомври 2025 – Во 2024 година, Македонија повторно ја потврди својата силна зависност од увоз на енергија – 65,5% од вкупните потреби биле обезбедени од странство, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Вкупната енергетска побарувачка изнесувала 2,54 милиони тони нафтени еквиваленти (toe). Во структурата на потрошувачката доминираат нафтените деривати со удел од 44,7 %, додека цврстите горива учествуваат со речиси 25%.
Домашното производство бележи пад – 842.142 toe, што е 10,6 % помалку во споредба со 2023 година. Најголемо намалување има кај лигнитот (–20,9 %) и хидроенергијата (–15,8 %), што ја одразува нестабилната хидролошка година. Единствен позитивен исклучок е соларната електрична енергија, која бележи раст од 140 %, што укажува дека фотоволтаичните системи почнуваат посериозно да го менуваат домашниот енергетски микс.
Финалната потрошувачка на енергија изнесувала 1,86 милиони toe, распределена по сектори на следниот начин:
- Сообраќајот останува најголем потрошувач со 47,6 %,
- Домаќинствата учествуваат со 26,1 %,
- Индустријата со 16,9 %,
- а останатите сектори со 8,4 %.
На полето на електричната енергија, обновливите извори сè повеќе добиваат тежина: нивниот удел во бруто-производството изнесува 39,4 %, а во вкупната домашна потрошувачка достигнува 35,4 %. Според статистиката, просечниот граѓанин минатата година потрошил 1.727 киловат-часови електрична енергија.
Сумирано, 2024 година ја одбележа спротивставен тренд, раст на соларното производство и истовремено пад на домашните фосилни извори. Оваа комбинација ја задржа високата увозна зависност, што ја прави земјата чувствителна на ценовни флуктуации и надворешни енергетски шокови.
Според експертите, предизвикот за наредниот период ќе биде јасен: побрза транзиција кон обновливи извори и зголемена енергетска ефикасност, особено во транспортниот сектор, каде што се трошат речиси половина од сите енергетски ресурси.
Енергетика 24
