Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) инвестира 16,8 милиони евра во првиот проект за големо складирање на електрична енергија и виртуелна електрана во Хрватска, што е прв ваков потфат во кој Банката влегува со директен удел во самостоен систем за складирање енергија на пазарни основи (BESS).
Проектот, кој ќе се реализира преку новооснованата компанија IE Energy Projekt во Шибеник, предвидува инсталација на батериски систем со капацитет до 60 мегавати, поврзан со електродистрибутивната мрежа, како и воспоставување виртуелна електрана (VPP) за реално време управување со побарувачката и понудата на струја.
Покрај вложувањето на ЕБОР, проектот ќе добие и еднаква инвестиција од 16,8 милиони евра од задолжителните и доброволни пензиски фондови на Рајфајзен, како и грант од 16,5 милиони евра од Европскиот модернизациски фонд.
Новиот систем ќе ја зголеми флексибилноста и стабилноста на хрватската електроенергетска мрежа и ќе овозможи поефикасно интегрирање на обновливи извори како сончевата и ветерната енергија.
„Оваа инвестиција претставува значаен чекор во зелената транзиција на Хрватска. Таа ќе придонесе за развој на енергетска инфраструктура од нова генерација и зајакнување на отпорноста на националната мрежа, отворајќи простор за поголемо користење на чисти извори на енергија,“ изјави Миљан Ждрале, директор на ЕБОР за Централна Европа.
Со овој потфат, ЕБОР ја потврдува својата заложба за поддршка на иновациите во обновливата енергија и „паметните“ мрежи, помагајќи им на земјите од регионот да ја забрзаат транзицијата кон одржливи и сигурни енергетски системи.
Досега, ЕБОР има инвестирано повеќе од 5 милијарди евра во 273 проекти во Хрватска, со фокус на забрзување на реформите, искористување на придобивките од членството во ЕУ и модернизација на јавниот сектор.
Извор: EBRD.com
