Брисел. 25 септември 2025 – Енергетската транзиција на Европа кон почиста иднина се движи премногу бавно и ја доведува во прашање способноста на Унијата да ги исполни климатските цели, да ја задржи индустриската конкурентност и да ја зајакне стратешката автономија. Ова е клучната порака на новиот извештај Power Barometer 2025, објавен неделава од здружението Eurelectric.
Иако во последните години беа вложени рекордни инвестиции во соларна енергија и се зголеми интересот за батериско складирање, стапката на електрификација на европската економија речиси и да не се поместила: останува околу 23% веќе една деценија. За споредба, за да се постигнат климатските цели, до 2030 година потребно е ова ниво да порасне на најмалку 35%.
„Електричната енергија е клучниот двигател на долгорочната енергетска безбедност и декарбонизација на Европа, таа нуди излез од зависноста од увоз на фосилни горива,“ вели генералниот секретар на Eurelectric, Кристијан Руби, во предговорот на документот. Но тој предупредува: „Напредокот е премногу бавен поради структурни бариери, празнини во политиките и недоволно силни сигнали за инвеститорите.“
Парадокс: повеќе чиста енергија, но побарувачката стагнира
Во 2024 година, производството од обновливи извори достигна историски максимум, особено благодарение на соларните и хидроелектраните. Сепак, побарувачката за електрична енергија пораснала за само 1%, и сè уште е за 7% пониска од нивото пред енергетската ценовна криза во 2021 година.
Овој застој се должи на бавното ширење на електричните возила и топлотните пумпи, технологии што се сметаат за носители на декарбонизацијата. Според извештајот, електрификацијата мора драматично да забрза за да достигне 62% до 2050 година.
Индустриската база на Европа под притисок
Во извештајот се предупредува и на трендот на деиндустријализација, најизразен во Германија. Високите цени на струјата принудија фабрики со вековна традиција да го прекинат производството или да го преселат во други региони. Иако владите вложија околу 540 милијарди евра субвенции за да ја заштитат индустријата во текот на кризата од 2022 година, авторите оценуваат дека тоа е неодржливо на долг рок.
Анализата покажува и дека кога обновливите извори обезбедуваат над 50% од производството, цените на електричната енергија се за 27% пониски. Тоа ја потврдува врската помеѓу чистата мрежа и конкурентната економија.
Европа зависна, Кина доминантна
Уште една темна точка е зависноста на Европа од увоз на клучни компоненти за чисти технологии. Кина денес контролира повеќе од половина од глобалната продажба на опрема за ветерни и соларни капацитети, додека европското производство на соларни панели заостанува за речиси 50 GW зад годишните цели за инсталација.
САД, пак, со поддршка на Inflation Reduction Act, забрзано инвестираат во батериски фабрики, оставајќи ја Европа во позиција да изгуби профитабилни можности.
Експлозија на дата-центри и нестабилни мрежи
Побарувачката од дата-центрите веќе сочинува повеќе од 3% од вкупната потрошувачка во ЕУ и Велика Британија, а до 2030 се очекува најмалку да се удвои. Најголемиот притисок е концентриран во Даблин, Франкфурт и Амстердам, каде што локалните мрежи се изложени на „значителен стрес“.
Во регионот на Југоисточна Европа, пак, извештајот бележи највисока ценовна волатилност. Унгарија во 2024 година забележала дневни разлики во цената што надминувале 400 евра по мегават-час – далеку над просекот на Западна Европа. Дополнителен проблем е слабата дигитална инфраструктура: само 11% од потрошувачите во Грција и 19% во Романија имаат паметни бројила, во споредба со 100% покриеност во Италија и Шпанија. Оваа нерамнотежа заканува да ја продлабочи енергетската поделба во Унијата.
Цени во „лулашка“ и нови предизвици за инвеститорите
Иако цените на големо паднале во однос на кризата во 2022 година, волатилноста останува висока. Гасот сè поретко ја одредува цената на струјата – 40% од времето во 2024, наспроти 72% во 2020 – но кратки ценовни скокови сè уште се јавуваат. Истовремено, се зголемува бројот на денови со негативни цени, што ги намалува приходите на производителите од обновливи извори и внесува несигурност за нови инвестиции.
Патот напред: масовни инвестиции во мрежата
Авторите на извештајот се едногласни: Европа мора да изгради „декарбонизирана и флексибилна мрежа“, ако сака пониски цени и конкурентна индустрија. За тоа ќе бидат потребни инвестиции на ниво до 67 милијарди евра годишно само за операторите на дистрибутивни системи – далеку повеќе од 40 милијарди во 2024 година.
И покрај предизвиците, извештајот потсетува дека енергетскиот сектор е водечки во намалувањето на емисиите: од 2008 година наваму, емисиите се намалени за 57%. Но без посилен политички фокус и одважни инвестиции, европската транзиција ризикува да остане само недовршена визија, наместо реалност.
Извор: Eurelectric.org