Како соларните и ветерните електрани можат да ја стабилизираат мрежата?

Љубљана. 20 август 2025 – Сè поголемото користење на обновливи извори на енергија во Европа носи сериозни предизвици за стабилноста на електроенергетските системи. Соларните и ветерните електрани, кои поради променливиот карактер на производството често се сметаат за закана за сигурноста на мрежата, со новите технолошки решенија и европски правила треба да станат клучни фактори за стабилизација.

Обновливите извори на енергија се приклучуваат на електричната мрежа преку инвертори, уреди кои ја претвораат произведената енергија во наизменична струја. Вообичаено, овие инвертори работат во т.н. grid-following режим, односно се прилагодуваат на сигналот од мрежата. Таквиот модел е одржлив сè додека во системот има доволно конвенционални електрани со синхрони генератори, како нуклеарните, термо и хидроцентралите, кои со своите ротирачки маси обезбедуваат природна инерција и стабилност на системот.

„Традиционалните генератори се масивни единици кои со својата инерција го штитат системот од нагли промени и обезбедуваат регулација на напонот,“ објаснува Митја Пшакер од словенечкиот оператор Eles. „Но, со зелената транзиција овие капацитети се намалуваат, а бројот на обновливи извори расте. Полупроводничките уреди немаат исти способности, што може да доведе до нестабилност или дури до колапс на делови од мрежата.“

РЕКЛАМА

Европската регулатива досега овозможуваше стабилно работење на мрежите со најмногу 65 до 70% удел на извори поврзани преку полупроводнички конвертори. Сепак, во одредени земји, како Шпанија, овој праг веќе е надминат, а во сончеви денови таму обновливите извори редовно учествуваат со повеќе од 70% во производството.

Од 2019 година, европските правила воведоа обврска инверторите да даваат одредена поддршка на мрежата, зависно од големината на електраната. Така, помалите постројки со моќност до 150 киловати мора да учествуваат во регулацијата на фреквенцијата, додека поголемите централи од неколку мегавати дополнително обезбедуваат реактивна моќност и напонска поддршка. Сепак, сите тие и натаму зависат од сигналот од мрежата.

Новите европски правила, кои се очекува да бидат објавени следната година, треба да овозможат сигурно работење на мрежата дури и со 100% удел на обновливи извори. За да се постигне тоа, дел од инверторите ќе мора да работат во т.н. grid-forming режим, наместо само да го следат напонот, тие самите ќе формираат стабилен напон и фреквенција, овозможувајќи другите извори да се усогласат со нив.

„Со новите правила, инверторите ќе преземат дел од улогата која досега ја имаа големите конвенционални електрани,“ вели Пшакер. „Очекуваме да биде воведена обврска најмалку 30% од инверторите да работат во grid-forming режим. Тоа ќе значи дека мрежата ќе може стабилно да функционира дури и без класични генератори.“

Предвиден е и преоден период од неколку години за усогласување на националните законодавства. Според експертите, ова е клучен чекор за обезбедување сигурна и одржлива енергетска иднина во услови кога Европа се движи кон целосна доминација на обновливите извори на енергија.

Извор: Nas-stik.si

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба