Брисел, 2 јули 2025 – Европската комисија на 2 јули објави нови насоки и препораки кои имаат за цел да ја намалат цената на електричната енергија и да обезбедат пониски сметки за струја за граѓаните и индустријата во Европа. Со фокус на обновливи извори, модернизација на електромрежата и подобри тарифни модели, Комисијата го забрзува спроведувањето на акцискиот план за достапна енергија.
Во рамки на оваа иницијатива, објавени се три водичи кои треба да им помогнат на земјите-членки да го усогласат националното законодавство со ревидираната Директива за обновлива енергија и новиот дизајн на пазарот на електрична енергија.
Комисијата ги охрабрува земјите-членки да креираат јасни регулативи за развој на нови технологии, како што се енергијата од океани, пловечките соларни панели, агросоларни решенија и соларна енергија интегрирана во возила. Целта е да се надмине јазот помеѓу трошоците на овие технологии и традиционалните извори, преку приспособена финансиска поддршка и истражувања за нивното влијание врз животната средина.
Паралелно со растот на побарувачката и производството на струја од обновливи извори, потребна е итна модернизација и проширување на електроенергетската мрежа. Комисијата предлага земјите да идентификуваат посебни зони за изградба на инфраструктура за мрежи и складишта, кои би можеле да бидат ослободени од дел од еколошките проценки за побрза реализација.
Покрај ова, новите препораки повикуваат на редизајнирање на тарифите, така што потрошувачите ќе бидат мотивирани да ја користат струјата кога таа е поевтина. Регулаторите треба да го насочат користењето на постојната инфраструктура кон поголема флексибилност, што ќе ги намали вкупните трошоци за енергетскиот систем.
Европа и натаму е зависна од увоз на фосилни горива, што ја прави ранлива на ценовни шокови. Комисијата истакнува дека проширувањето на домашните обновливи извори е клучно за ценовна стабилност и сигурност на снабдување.
Во врска со ова, комесарот за енергија и домување, Дан Јоргенсен, вели дека:
Префрлањето на чиста енергија не е само морална обврска кон планетата – тоа е прашање на безбедност и независност на Европа. Поевтина енергија и сигурен систем со високо учество на обновливи извори се основа за одржлива и конкурентна економија
Примената на овие мерки, според проценките на Комисијата, може да донесе заштеди од 45 милијарди евра веќе во 2025 година, а до 260 милијарди евра годишно до 2040 година.
Извор: Европска Комисија