Зголемување на учеството на електричната енергија во глобалната финална потрошувачка на енергија на 35% до 2035 година, забрзување на електрификацијата и намалување на зависноста од увозни фосилни горива. Ова е повикот на извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, упатен до владите учеснички на климатската конференција COP31 во Анталија.
Во интервју за „Еуроњуз“, Бирол оцени дека електрификацијата е клучна за зајакнување на енергетската независност, конкурентноста и декарбонизацијата на европската економија, особено во услови на нови геополитички тензии и нарушувања на глобалните пазари на енергија.
– Енергетската иднина на Европа е електрификацијата, порача Бирол, повикувајќи на поголемо домашно производство на електрична енергија од сончеви, ветерни, нуклеарни и хидроцентрали, наместо потпирање на увоз на фосилни горива.
Тој предупреди дека Европа и натаму е изложена на нестабилноста на меѓународните енергетски пазари, и покрај напорите за диверзификација на снабдувањето и намалување на зависноста од руски енергенси.
Според проценките на Европската комисија, нарушувањата поврзани со Ормускиот Теснец ја зголемиле сметката на ЕУ за увоз на енергија за 127 милијарди евра од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран. Истовремено, индустриското производство во Унијата продолжува да бележи негативни движења.
Бирол предупреди дека продолженото затворање на Ормускиот Теснец би имало сериозни последици за европската и светската економија и повика владите да се подготват за потенцијално тежок зимски период.
Дополнителниот увоз на дизел од Русија нема да го реши недостигот
Осврнувајќи се на можноста за ублажување на американските ограничувања за извоз на руски дизел, Бирол оцени дека евентуалните дополнителни количини би можеле да донесат одредено олеснување, но нема да го решат проблемот со снабдувањето на европскиот пазар.
Според него, Европа веќе изгубила значителен дел од испораките на рафинирани нафтени производи од Блискиот Исток, вклучително и дизел и авионско гориво, додека нападите врз руските рафинерии дополнително ја ограничуваат глобалната понуда.
– Количините на дизел што би можеле да доаѓаат од Русија нема да бидат решение за овој проблем, изјави Бирол.
Тој посочи дека ситуацијата е дополнително отежната поради намалениот капацитет за рафинирање во Европската Унија. Доколку актуелните нарушувања продолжат, предупреди Бирол, во наредните месеци може да се отвори и прашањето за физичката достапност на одредени нафтени деривати.
Електрификацијата како одговор на енергетската зависност
Според Бирол, долгорочниот одговор на повторливите енергетски кризи во Европа е забрзувањето на преминот кон електрична енергија произведена од домашни извори.
Тој посебно ги истакна обновливите извори, нуклеарната енергија и хидроенергијата, како и пошироката примена на електричните возила и топлинските пумпи.
Бирол ја критикуваше и претходната политика на дел од европските земји за намалување на улогата на нуклеарната енергија. Тој потсети дека нуклеарните централи во 90-тите години обезбедувале околу една третина од производството на електрична енергија во ЕУ, додека денес нивното учество е околу 15%.
Неговите ставови се совпаѓаат со оценката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која претходно го опиша повлекувањето на Европа од нуклеарната енергија како стратешка грешка.
Европската комисија, пак, предложи учеството на електричната енергија во финалната потрошувачка на енергија во ЕУ да достигне 46% до 2040 година, што би било приближно двојно повеќе од сегашното ниво од околу 23%, на кое се задржува во изминатата деценија.
Оваа цел засега има индикативен карактер, но преговорите за европската енергетска рамка по 2030 година би можеле да отворат можност таа да стане и законски обврзувачка.
На глобално ниво, иницијативата „35 до 2035“ е една од темите на COP31, но ставовите на европските земји за нејзината формулација не се целосно усогласени. Иако земјите членки во принцип ја поддржуваат идејата за глобална цел за електрификација, во конечната позиција на ЕУ е ублажена формулацијата од претходниот предлог, па Унијата наместо директно да ја поддржи иницијативата наведува дека очекува да разговара за неа.
Бирол порача дека трошоците за трансформација на енергетскиот систем треба да се разгледуваат и во однос на економската цена што ја носи продолжената зависност од увозни енергенси.
– Енергетската безбедност исто така има своја цена, истакна директорот на ИЕА, повикувајќи ги светските лидери да постигнат согласност за забрзување на електрификацијата.
Извор: Euronews.com
